Скопјанец украл мобилни телефони во бутик и во автобус
Основното јавно обвинителство Скопје поведе постапка против 43-годишен скопјанец за кого постои основано сомнение дека сторил три кривични дела – Тешка кражба по член 236 став 1 точка 3 од Кривичниот законик.
Во текот на претходната постапка биле обезбедени докази дека осомничениот на 20 и 26 октомври 2022, во продавница за облека во Градскиот трговски центар во Скопје, го искористил невниманието на две жени и им ги украл мобилните телефони – едниот во вредност од 20.000, а другиот вреден 77.000 денари, велат од обвинителството.
На 23 март годинава, пак, осомничениот искористил гужва во градски автобус кој се движел по булеварот „Митрополит Теодосиј Гологанов”, па од џебот на еден патник одзел мобилен телефон вреден 20.000 денари.
Оценувајќи дека постои опасност од бегство на осомничениот, надлежниот јавен обвинител до Основниот кривичен суд Скопје достави предлог за определување мерка притвор. Судот го прифати предлогот и определи притвор во траење од 8 дена, додаваат од ЈО.