Симовски за СП: Секој слободно се попиша, пописот ја отсликува реалноста

Апостол Симовски /Фото: Архива на „Слободен печат“

Секој граѓанин по своја слободна војла ја изрази својата етничка припадност на пописот и никој никому не му вршел никакви притисоци по ова прашање, вели директорот на Државниот завод за статистика Апостол Симовски за „Слободен печат“, прашан да ги коментира ставовите на бугарскиот претседател Румен Радев дека на пописот им се вршел притисок на луѓето сакале да се попишат како Бугари. Овој став Радев му го пренел на германскиот колега Франк-Валтер Штајнмаер во телефонски разговор, воочи самитот во Словенија.

„Бугарија ги брани не само националните интереси, туку пред се вредностите на ЕУ, што се темелат на демократија и почитување на човековите права во својот дијалог со РС Македонија. Бугарија очекува конкретни резултати во однос на почитувањето на човековите права кај нашиот југозападен сосед, што ќе ја забрза европската интеграција на РС Македонија“ нагласил Радев, пренесе неговиот кабинет.

Тој рекол дека „добил сигнали дека се врши притисок врз луѓето кои отворено го искажуваат својот бугарски идентитет, а тоа се случило за време на тековниот попис на македонското население“.

Според директорот на Статистика, на пописот секој можел слободно да си ја изрази својата волја во врска со која било припадност, така и етничката.

– Ние не можеме да исполнуваме нечии политички желби, туку нашата цел е со пописот да ја отсликаме реалноста. Нас не не интересираат ничии калкулации за проценти на население. Единствено ни беше важно населението да има можност слободно да ја изрази својата лична волја и да биде попишан онака како што се чувствува – вели Симовски за „Слободен печат“.

Бугарскиот претседател Радев е последниот во низата кои искажаа забелешки во врска со попишувањето на етничката припадност на макеоднските граѓани. Претходно се побунија партии и организации на Ромите, Турците, Албанците и на Србите.

Резултатите од пребројувањето законски треба да се објават најдоцна за шест месеци, но Симовски вели дека тие ќе се настојуваат обработката на податоците да заврши и порано.

Според првичните бројки, попишани се 1.832.696 лица, 568.175 домаќинства и 837.255 станови, а во дијаспората се самопопишале 204.805 македонски државјани.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот