Што значи БРИКС за светот?

Божидар Миљовски, Фото: Архива

Со појавата на БРИКС на светската сцена, кој не е воен пакт ами економска групација на сега пет земји и со најавата за пристап на уште шест, добиваме биполаризација на светот на две економии – западната со една милијарда и БРИКС со четири милијарди луѓе и веќе се поставуваат прашања за доминација, соработка, борба за пазарот…

За да одговориме на ова прашање, ќе се обидеме хронолошки да ги покажеме случувањата во светот во создавањето на БРИКС – од Бразил, Русија, Индија, Кина и Јужноафриканската Република. Во крупните промени во светот на крајот од минатиот век и во почетокот на овој, две земји – Индија и Кина, кои пред илјада години биле династии, се будат и почнуваат да го бараат своето место во светскиот поредок, секако, секоја на свој начин и пат.

Индија со 1,4 милијарди жители и способна работна сила од 700 милиони е една од брзорастечките економии во светот. Од Британската Империја, која владеела со Индија од 1757 до 1847, односно 190 години, таа наследила традиција во демократијата и е демократска држава, развиено школство со повеќе од 150 милиони факултетски образовани, одлична железничка сообраќајна мрежа, развиена индустрија за базни суровини, атомска сила, извозник е на компјутерски софтвери, 40% од софтверот на САД го држат индиски фирми од Индија.

Кина со 1,5 милијарди популација има малку подруг пат на раст отколку Индија. Мао ја водеше Кина во борба против Јапонија и ги изведе селската и културната револуција. По неговата смрт главен лидер беше малиот Ден Пинг, кој ја отвори Кина кон САД, ги воведе капитализмот и комунизмот во еден систем со изреката: „Не е важно дали мачката е бела или црна, важно е да лови глувци“. По посетата на малиот Ден Пинг на САД во 1990 годинa, во Кина почна да влегува американски капитал, во почетокот на овој век почна со 5.500 американски фирми, што значи почна да функционира кинеската производна машинерија, како втора економија во светот и која за две-три години ќе ја престигне економијата на САД, а во 2045-50 година ќе прави двојно повеќе БДП од САД. Да не ги набројуваме подрачјата и асортиманот на производи, кој е сличен на американскиот. Кина и Индија со својот брз и висок раст соработуваат многу тесно со Русија, секоја на свој начин.

Индија со интелектуален капацитет од 150 милиони факултетски образовани, повеќето од половина специјализирани за високи технологии, работат со Русија на заеднички производи: авиони, хеликоптери, ракети, сателити… и Русија им го отвора својот пазар за стока за широка потрошувачка. Кина со својата производна машинерија воспостави соработка со Русија врз база на производство и набавка од Русија авиони, подморници, ракетна техника, сателити, производство на атомски подморници, големите ракети и многу други производи, вклучување и стока за широка потрошувачка. Од друга страна, Русија на Индија и на Кина им го отвори својот пазар и пристапот до најголемата суровинска база во светот – сибирската.

Овие три земји по повеќегодишна соработка во 2006 година дојдоа до идеја да формираат заедничка економско-развојна групација за да ѝ се спротивстават на европско-американската економска и политичка доминација во светот, и го повикаа и Бразил кој има многу врвни производи: опрема за наоружување, авиони, атомски централи, ракети и друго. Во 2010 година ја поканија и Јужноафриканската Република, како претставник на Африка, така што веќе може да се каже дека во 2012 година почна да функционира БРИКС. Откако ја промовираа целта и задачите во светот, заситен од евро-американското и натовско владеење, настана еуфорија, светот се промени, почнаа да се јавуваат заинтересирани за пристап – Аргентина, Иран, Саудиска Арабија, Турција, Египет и други. Пристапот на овие земји не е идеолошки, туку реакција на долговременското запоставување од Западот. Тој треба да биде обмислен за да се дојде до добра цел, зашто тоа се земји со многу различни внатрешни уредувања.

БРИКС е добро обмислена економска и развојна групација од 3,4 милијарди популација со БДП од 36% сега, а во блиска иднина и со над 55% од светскиот БДП. Двете компоненти: стратегиското воено обезбедување и суровинската база за групацијата ја дава Русија. Развојот е обезбеден и поддржан со 1,5 милијарди работоспособни во Кина и во Индија, работна сила што е во состојба да произведе стоки за шест милијарди луѓе. Да не бидеме наивни дека ваков конгломерат земји и режими ќе функционира мазно, без внатрешни недоразбирања или доминација на една од државите. Штом се пристапува, мора да постои свест за соработка врз база на компромиси и заеднички цели во интерес и прогрес на групацијата и на светот.

Да ги погледаме првите рефлекси во светот по појавата на БРИКС. Поранешниот англиски премиер Тони Блер изјави дека „Западот мора де се соочи со фактот дека го изгуби приматот за водење во светот и мора да соработува врз база на компромиси и отстапки со растечките економии на БРИКС“. Западниот слободен свет што го сочинуваат Европската Унија, САД, Канада и Австралија има популација од една милијарда и со 55% од светскиот БДП е мотор на светската економија. Неговото создавање почна веднаш по Втората светска војна. Маршаловиот план за обнова на Европа, активирањето и пренамена на воената индустрија во САД и во Канада во цивилно производство помогна во создавањето на Европската заедница. На другата страна се формира тоталитарниот комунистички режим под водство на СССР и со идеолошка одредба да го шири комунизмот во светот. Западниот свет реагираше создавајќи одбранбен воен пакт – НАТО. Го формираа Велика Британија, Франција, Белгија, Холандија и Луксембург во 1948 година на состанок во Брисел, една година подоцна се приклучија и САД и со тоа се заокружи составот на НАТО и сега алијансата брои 30 земји со огромна армија, вооружување и бази со кои ја заокружуваат Русија, а САД се лидер на НАТО.

До распадот на СССР дојде не војнички ами економски – се покажа дека комунизмот економски ја изгуби војната со Запад и системот прејде во рацете на олигарсите, кои со закоравениот кагебеовец Путин го плашат светот со атомско оружје наследено од СССР. За ова најмногу придонесуваат разни западни стратези, кои упорно ја покажуваат ранливоста на Западот од нуклеарна војна, со тврдењето дека 70% од населението е во големите градови и со тоа е во опасност од уништување, а во Русија само 15% од населението живее во градовите.

Со појавата на БРИКС на светската сцена, кој не е воен пакт ами економска развојна групација на сега пет земји и со најавата за пристап на уште шест, добиваме биполаризација на светот на две економии – западната со една милијарда и БРИКС со четири милијарди луѓе и веќе се поставуваат прашања за доминација, соработка, борба за пазарот… Прв тест на кој се виде односот помеѓу Западот и БРИКС е војната во Украина. БРИКС не ги прифаќа и не ги поддржува санкциите против Русија, со што јасно кажа дека не е послушна групација, туку ги гледа своите интереси. Времето што доаѓа ќе ни покаже дали овие групации се за соработка и за прогрес во светот или само за интереси на системите.

Автор: Божидар Миљовски, инженер

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот