Шмит: Босна е во итна опасност од распаѓање и нов воен судир!

Меѓународниот пратеник за мир на Босна и Херцеговина, Кристијан Шмит / Фото: EPA-EFE/FEHIM DEMIR

Ако оружените сили на БиХ се поделат на две или на повеќе армии, ќе мора да се преиспита нивото на меѓународно воено присуство. Без одговор на актуелната ситуација, ќе биде загрозен опстанокот на Дејтонскиот договор, а нестабилноста во БиХ ќе има пошироки регионални импликации. Реална е опасноста од понатамошни поделби и конфликт, порачува Шмит.

Ако сепаратистите во Република Српска ја спроведат својата закана повторно да создадат сопствена армија, која би ги поделила националните воени сили на Босна и Херцеговина, ќе биде неопходно во земјата да бидат вратени странски мировни сили за да спречат избувнување нов воен конфликт, предупреди високиот претставник Кристијан Шмит.

Во синоќешното обраќање пред Советот за безбедност на Обединетите нации, според подготвениот говор до кој имал пристап весникот „Гардијан“, поранешниот шеф на германската дипломатија предупредува дека во БиХ има „итна опасност од распаѓање“, како и „многу реална можност за враќање кон конфликт“.

– Босна и Херцеговина се соочува со најголемата егзистенцијална закана во периодот по војната – предупредува Шмит.

Српскиот член на Претседателството на БиХ и поранешен претседател на Република Српска, Милорад Додик, завчера се закани дека Парламентот на РС ќе ги отфрли притисоците и наскоро ќе усвои закони со кои на ентитетот би се пренесле клучни овластувања од БиХ.

Телевизијата „Н1“ јави дека Додик планира да го оспори постоењето на државните оружени сили, Високиот судски и обвинителски совет и наплатата на даноците и царините на државно ниво. По состанокот со водачите на коалициските партнери на неговиот Сојуз на независни демократи (СНСД) во владата во Бања Лука, Додик најави дека за овие потези пратениците ќе расправаат при крајот на ноември.

– Нашата цел е нормативно да ги регулираме овие области најдоцна за шест месеци – истакнал Додик. Тој тврди дека овие потези се уставни, за разлика од претходните реформи, кои биле спроведени „незаконски и под притисок на меѓународната заедница“.

Потенцијален судир на две армии

Шмит пред Советот за безбедност на ОН потсети и дека Додик на 14 октомври се закани дека ќе ги принуди оружените сили на Босна и Херцеговина да ги напуштат касарните и објектите на територијата на Република Српска. Ако тоа го одбијат, нивните касарни би биле опколени, а ако меѓународната заедница се обиде воено да интервенира, Додик најави дека има „пријатели што ќе ја помогнат српската кауза“.

– Ова е практично повик за отцепување, без директно да биде кажан. Акциите на Додик не само што ги загрозуваат мирот и стабилноста во земјата и во регионот, туку и, ако останат без реакција од меѓународната заедница, може да доведат до поништување на Дејтонскиот мировен договор – предупреди Шмит во извештајот доставен до генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш.

Високиот претставник не ја отфрла можноста од избувнување судири помеѓу босанските служби за безбедност и полицијата на Република Српска.

Во октомври полициски единици на Република Српска спроведоа антитерористички вежби на планината Јахорина, местото од кое за време на војната силите на босанските Срби го гранатираа опколеното Сараево.

– Ако оружените сили на БиХ се поделат на две или на повеќе армии, ќе мора да се преиспита нивото на меѓународно воено присуство. Без одговор на актуелната ситуација, ќе биде загрозен опстанокот на Дејтонскиот мировен договор, додека нестабилноста во БиХ ќе има пошироки регионални импликации. Реална е опасноста од понатамошни поделби и конфликт – порачува Шмит во својот прв рапорт до Обединетите нации откако во август ја презеде функцијата висок претставник на меѓународната заедница за Босна и Херцеговина.

Руска блокада за новите мандати на мировните сили

Меѓународните мировни обврски во Босна сега ги имаат постојаните сили на Европската Унија (ЕУФОР), кои имаат 700 припадници, а НАТО има своја канцеларија во Сараево. За продолжување на нивните едногодишни мандати треба да се расправа утре во Советот за безбедност на ОН, но Русија веќе се закани дека ќе го блокира процесот, освен ако не бидат намалени овластувањата на високиот претставник на меѓународната заедница за надгледување на спроведувањето на одредбите од Дејтонскиот мировен договор.

Кремљ реагираше на назначувањето на Шмит од страна на Советот за спроведување мир – меѓународно тело создадено за спроведување на Дејтонскиот договор – и одбива да го признае неговиот авторитет.

– Сметам дека Русија всушност сака да ги поткопа овластувањата на канцеларијата на високиот претставник, спречувајќи го да го брифира Советот – изјавил за „Гардијан“ анонимен дипломатски извор запознаен со консултациите во Њујорк.

Дури и ако биде обновен мандатот на ЕУФОР, во Брисел нема расположение за зајакнување на малиот контингент во Босна и Херцеговина. Некои членки на ЕУ, особено Унгарија, го поддржуваат Додик.

– Мислам дека тој е спремен да игра на можноста, колку и да е неверојатна, дека ќе успее брзо да создаде нова фактичка состојба на теренот и се потпира на идејата дека конфузијата и одложувањата ќе ги збунат и Сараево и меѓународната заедница, па на крајот да се извлече без битни последици – коментира босанскиот политички аналитичар Јасмин Мујановиќ.

Американскиот заменик-помошник државен секретар Габриел Ескобар пред една недела изјави пред Конгресот дека „САД соработува со ЕУ за да не поминат без последици сите нелегални и дестабилизирачки акции во Босна и Херцеговина“, што беше протолкувано како обид за наметнување директни санкции за Милорад Додик. Но, од Вашингтон нема сигнали што би укажале дека администрацијата на претседателот Џо Бајден би поддржала обновување на мировна мисија на НАТО во БиХ.

Прикривање на реалните проблеми

Алида Врачиќ од босанската аналитичка група Популари смета дека постојаното чувство на криза, кое сѐ повеќе се продлабочува, им дава можност на лидерите да ја прикријат својата неспособност да владеат.

– Додик удри, но политичарите колективно се надеваат дека ќе извлечат поени од оваа криза, а граѓаните се единствените губитници. Ваквите дискусии им помагаат на функционерите, бидејќи ги исфрлаат од колосек сите значајни дискусии, како за фактот дека сараевчани се задушуваат во смог, дека се проневеруваат пари за време на пандемијата, дека црниот биланс на починати во Сараево е полош и од оној за време на војната, за фактот дека една половина од луѓето во земјата живеат во сиромаштија, дека не сме завршиле ама баш ниту една реформа и дека во парламентот со месеци немало дискусии за ниту еден закон – укажува Врачиќ.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот