ШЕТАМЕ И ДЕГУСТИРАМЕ ВО КРАТОВО: На пастрмајка наместо пастрмајлија, на катмер наместо зелник, на боденик – а не на пита

кратово пастрмајка
Пастрмајка, ФОТО: Архива

Пастрмајката е најпрепознатливиот кратовски бренд, но не прескокнувајте ги мантиите, арм’кот, к’цаната сол, триаголната сарма од лозов лист, качамакот, катмерот, зелникот со потпечени кори, боденикот, вртената баница, топеницата, погачите, маџунот, лангитите, прженицата, домашно произведените млечни производи, суканите баклави, кратовската ракија и вино.

Младен Мицевски (27), познат како еден од најдобрите промотори на Кратовскиот Регион, е нашиот туристички и гастрономски водич низ Кратово. Младен е наставник по стручни предмети од угостителско-туристичка струка во средно училиште во Кратово, главен фокус му е националната гастрономија и традиционалните македонски и локални специјалитети, а работи и како туристички водич.

кратово пастрмајка 3
ФОТО: Приватна архива

Доколку престојуваме на еднодневна посета на Кратово, што ни препорачуваш да видиме во овој град?

– Кратово е град – музеј под отворено небо. Бројното природно и културно наследство на толку мал простор ретко некаде може да се сретне, а тоа е токму она што Кратово го нуди. Би рекол, за да се доживее Кратово, сепак, би требале неколку дена. Но, доколку зборуваме за еден ден, она што не треба да се пропушти е централното градско јадро во кое е сконцентрирано најмногу културно богатство. Од културното наследство би требало да се посетат: Музејот на град Кратово и средновековните кули; средновековните камени мостови, Ајдучката чаршија, сокаците, староградската архитектура, различните културни влијанија кои можат да се забележат во некогашните турски, христијански, еврејски и католички делови на градот, подземните ходници, црквите „Св. Јован Крстител“ и „Св. Никола Чудотворец“, Радиниот мост, старите борови и друго. Посетата на етно куќа „Шанчева“ исто така не би требало да се прескокне, зашто таму може да се искусат културната и гастрономската димензија на Кратово. Камените кукли во с. Куклица, воедно би требало да бидат дел од еднодневна посета на Кратово. Сепак, еден ден е малку за Кратово.

кратово пастрмајка 45
ФОТО: Приватна архива

Колку за Кратово може да се каже дека е популарна дестинација меѓу странците кои ја посетуваат Македонија, ги дочекавте ли годинава? Што ним најмногу им се допаѓа во овој град?

– Да, странските туристи се присутни. Пред пандемијата можеби во далеку повисок број, но оваа сезона повторно навраќаат. Она од што се воодушевени странските туристи е токму богатата историја на градот и неговото значење во текот на историјата. Ги фасцинираат и сите културно-историски објекти кои ги посетуваме, но не остануваат рамнодушни ниту на природното богатство со кое располага Кратово. Честопати релјефните форми и остатоците од изгаснатиот вулкан во чиј кратер лежи Кратово се причина повеќе приказната за Кратово да биде примамлива за туристите. Вулканските бомби, Цоцев Камен, високите карпести ридови околу градот, водопадите по теченијата на реките кои го формирале својот пат низ карпите се само дел од природните богатства со кои Кратово ги освојува туристите. Но, дефинитивно, оној исказ дека „љубовта доаѓа преку стомакот“ е забележителен кај секој турист во Кратово. Кратовската гастрономија изобилува со многубројни специјалитети и храна која се произведува локално. Нема турист, а да не ужива во зеленчукот, овошјето, млечите производи произведени во Кратово, како и специјалитетите што се готват. Оваа година има странски туристи, од неодамна повторно почнаа и редовните групи од Полска кои доаѓаа и пред пандемијата. Индивидуално и од западноевропските земји доаѓаат туристи.

Кои кафеани, односно гостилници, ги препорачувате за посета во градот и околината?

 

…Целото интервју прочитајте го ТУКА.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот