Шестемина и шесте степени оддалеченост

Со зголемувањето на бројот на заразени во Обединетото Кралство на Велика Британија и Северна Ирска (а и во поголем број европски земји), властите тука решија од оваа недела да забранат собирање на повеќе од шест души, плус на места воведоа карантини.

Има книга, имаше и разни теоретски дискусии и практични проверки, студентите од Харвард се занимаваа со тоа, проверуваа и колегите од „Гардијан“, имаше и филм, па дури и јас во еден текст пишував за теоријата на шесте степени оддалеченост. И еве, пак сега, со коронавирусот и изолацијата, со зголемување на бројот на заразени во Обединетото Кралство на Велика Британија и Северна Ирска (а и во поголем број европски земји), властите тука решија од оваа недела да забранат собирање на повеќе од шест души, плус на места воведоа карантини, се потсетив на теоријата за да ми биде полесно. А што, само тебе да ти биде полесно, ве слушам како прашувате? Јас и како уредничка кафе им купував на сите, плус чоколатца, од оние со темно и бело чоколадо, од  оние „фер трејд“ (да заработуваат и производителите, не само трговците) без да барам пари само за да тргне работата, па како сега да не споделам за да „тргне малку работата“ , макар и ментална, макар и во изолација.

„Теоријата на шест степени оддалеченост“ обзеде милиони луѓе, меѓу кои социолози, математичари и физичари, и ја постави основата на првата онлајн-социјална мрежа. Таа вели дека секој жител на земјината топка може да се сретне со кој било друг на светот, со најмногу шест или помалку заеднички контакти меѓу него и некој друг човек. Преку познајници, пријатели или членови на нивните семејства.

По логиката на теоријата, многу е лесно е, всушност, да го сретнете вашиот омилен автор, пејач, политичар, актер. Кој било на Земјината топка, преку шестмина посредници. Ако зборот посредници ве асоцира на „проценти, вградување во шеми, рушвети, поткупи  и мита“, ве молам заборавете, зборуваме за теорија. Која, ајде да ги ослободиме мислите од наслагите на сомнежите од животното искуство, е сосема можна, луѓето ја провериле и – докажале.

Во потрага по Крис

Замисли, ми вели мојата пријателка Џулија, со која ја расчленуваме теоријата, пример, дека сакаш да се сретнеш со актерот Вил Смит и дека можеби имаш роднина во некоја маркетиншка агенција. Вил Смит е одличен, ѝ велам, ама може ли да сакам да се сретнам со Крис Хемсворт, на пример, зашто и двете самоуверено заклучивме дека нашата работа во Би-би-си и контактите оттаму би ни овозможиле „како од шега“ да исконтактираме со некоја „британска величина“, и тоа со теорија на најмногу „три степени на оддалеченост“. Откако самозадоволно се насмеавме и си наздравивме со „даикири“, тргнавме во потрага по Крис. Нашиот поранешен директор, со кого успеавме да задржиме добри односи, отиде да работи во Њујорк, но неговата сопруга, работи во маркетиншка агенција и тие имаат и огранок во Лос Анџелес. Можеби таа, ја развиваме теоријата, оди на кафе во некоја кафетерија каде што повремено доаѓа и некој музичар кој бил во бендот што ја направил музиката за филмовите „Тор“ или за „Одмаздници“, и така, алка по алка, сè до Крис. А можевме да ја фатиме и австралиската врска. Зашто е роден и пораснат во Мелбурн (има ли Македонец што не знае некој кој што има некој во Мелбурн) и во Булман, во Северната Територија, каде што живееше некое време и Боби од Битола. Е сега, не велам дека Боби и Крис заедно бркаа крокодили и ловеа бизони, ама таму му се уште браќата, на Крис, не на Боби, па разбирате, како со работа и контакти стигнавме до Крис, и овој пат со теоријата на шест степени на оддалеченост. И си наздравивме со уште едно даикири, зашто заслуживме. А сето ова, од топлината на своите домови и преку интернет, односно преку апликацијата Зум (која, патем речено, ја користи и британската влада).

Оваа интересна теорија првично беше сугерирана од унгарскиот писател Фригес Каринти уште во 1930 година, во расказот насловен како „Синџир-врски“. Според авторот, теоријата на шест степени на оддалеченост е базирана на фактот дека бројот на луѓето расте експоненцијално со бројот на врски во синџирот. Според теоријата, секому му се потребни само мал број врски, алки за да стигне до кого било на светот.

Ајде сега кодоши

А кога сме веќе кај експоненцијалноста, односно растот на бројот на заразени и оддалеченоста од седмиот член на групата за дружење како закон што ни го воведоа неделава, излезе дека имаме мошне интересна влада, која од нас бара да бидеме – па, како да ви кажам – кодоши. Нè повикаа да ги поткажеме роднините, пријателите, познатите и непознатите ако се соберат повеќе од шестмина на ѓезме, забава, журка, роденден, свадба (зет, невеста, кум, старосватица, двајца сведоци, матичар, ама ниту еден гостин плус) или некоја друга собиранка. Не ќе ја имаме сатисфакцијата дека сме помогнале во забавувањето на експоненцијалното ширење на заразата, а буџетот ќе се збогати за сто фунти по „дешавка“ за 6+1 казна, до 3.600 фунти за поголем прекршок (голема свадба, сунет, рејв и слично). Јас знам дека Британците ги интересира што прават комшиите, дека пердињата мрдаат и се гледа кој минува, кој колкупати влегува-излегува, ама па тие не се ништо поразлични од, на пример еве, Македонците, како оние седнати пред зграда кои ја коментираат комшиката, од нејзиниот изглед, семејството, брачната ситуација и имотната состојба според бројот на најлон ќеси донесени од Веро, без притоа некој да се понуди да ѝ помогне да ги однесе (ќесите) до седми кат, зашто лифтот (пак) не работи. Ама сега пак кодошење, и тоа за општо добро?! На сцена стапи премиерот, кој ѝ противрече на министерката за внатрешни работи Прити Пател, авторката на „кодош законот“ и рече дека не мора да ги кодошиме соседите. Освен ако не прават големи забави. Тогаш може. Три илјади и шесто фунти не се са фрлање…

Дупки за ловџии

Во секој закон, па и во овој за шестемина, има дупки. Односно исклучоци. Ако сакате тетреби, еребици и друг дивеч кој лета. Не да ги гледате и да им се восхитувате, туку да ги застрелате, најчесто во групи од триесеттина истомисленици, со коњи и кучиња, со пушки (винчестерки, маузерки, ремингтонки… а има и малихерки – ах, пушка малихерка – бесмртна!) а во една прилика на продуховен (јас би рекла и поднапиен, можеби наследник на Робин од Шервуд, и со лак и стрела). Е тогаш на сцена стапува дупката, и одеднаш законот за шестмина – не важи. Зошто е тоа така, изгледа знае само конзервативното крило на владата. Оние кои водеа кампања за заштита на животните се пофалија дека почнал да се зголемува бројот на дивечот во земјата, а сега, ова.

Туку, да го баталиме Џулија и јас Крис Хемсворт и да почнеме, преку шесте степени на оддалеченост да ги бараме Пол, Стела и Мери, сите од семејството Макартни, познати по својата музика, мода и фотографија, но и по посветеноста за заштитата на животните. Освен ако и Крис не ни се приклучи во заштитата на животните. Како млад, бркал  крокодили и ловел бизони. Сега, велат, кога станал татко на три деца, станал голем љубител на животни.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот