Село гори, баба на фризер

Австралија и онака беше во она што се нарекува „црвена“ зона во регионите подложни на опожарување и дезертификација. Македонија, како и најголем дел од земјите во медитеранското окружување, е во „портокаловата“ зона. Е, таа зона е сега на ред. Сетете се на ланските пожари и кај нас и во соседството. Помислете и дека, еден убав ден и лозјата може да ни изгорат.

Додека во Давос некако успеваa да расправаa за судбината на планетава, иако е во сенка на шоуто на Грета и Трамп, во библиската земја Mакедонија негрижата за околината станува од библиски размери.

Да појаснам, во Давос се состануваат „главните светски фаци“ секоја година, и таму, ако ништо друго, се појаснуваат насоките во кои ќе се движи светската економија. Расправаат и банкари и научници, и активисти и политичари.

Трамп ѝ се скаруе на Грета и ја офира по твитер, патем дели и еколошки налепници по компании за кои тој самиот смета дека ги заслужуваат, научната јавност мака мачи поради настанатиот дефокус, но сепак работите некако се тркалаат во позитивна насока, велат тамошните експерти.

Домашните експерти не се занимаваат со ветриштата што дуваат од странство, тоа се едноставно работи што се однесуваат на светот, а не на нас. Ние и онака живееме во некоја друга димензија. Во „нашата“ димензија има само „наши“ проблеми и нам ни е многу тешко и никој не нè разбира.

Всушност, во нашата димензија има многу проблеми што не се само наши. Едниот е ѓубрето, кое патем произведува и редица други посериозни проблеми, од негово прописно собирање, до одложување и/или уништување.

Ние, како држава, со години имаме сериозен проблем со третманот на сопствениот отпад. Можеби во дел од урбанизираните средини отпадот редовно се собира, но на терен никнуваат диви депонии, инспекциските служби се неефикасни и тој проблем со години систематски не се решава.

Згора, ѓубрето е бизнис во светот поради тоа што развиените земји, исто така, мака мачат со нивниот отпад, па му плаќаат секому кој е способен тој отпад некаде да го „ували“. Ѓубрето може да биде и енергенс и постојат многу фабрики кои го горат и произведуваат електрична енергија, се разбира во рамките на прописите за заштита на човековата околина во дадена земја. Но најчесто ѓубрето се фрла „скришно“.

Така, со закон изгласан во највисокиот дом, странското ѓубре одамна си најде место во нашата, и онака намачена и напатена државичка, ни стана нов сосед, ни донесе нови мириси. И сè уште трае увозот на мигранти од валкано потекло затоа што „народните избраници“ никако не „можат да прифатат“ дека изгласале штетен закон, па измената се шутка по собраниските ходници (дај боже сликата да се смени).

За тоа време, во соседна Бугарија, еден министер е под сериозна истрага за слична приказна со нелегален увоз на ѓубре. Вмешани се и граѓани на РСМ.

Втората работа што би требала да нè загрижува, а нам ни се чини толку „странска“, се пожарите. Австралија изгоре начисто, промената на летните температури и долготрајната суша си го направија своето и огнената стихија сама тргна. Континентот е девастиран и никој не верува дека уште долго ќе се опорави. Австралија и онака беше во она што се нарекува „црвена“ зона во регионите подложни на опожарување и дезертификација. Македонија, како и најголем дел од земјите во медитеранското окружување, е во „портокаловата“ зона.

Е, таа зона е сега на ред. Сетете се на ланските пожари и кај нас и во соседството. Помислете и дека, еден убав ден и лозјата може да ни изгорат.

Некои „други“ експерти велат дека мора да поработиме на инфраструктурата и заштитата на околината, во спротивно и природните убавини кои сè уште ги имаме, едноставно ќе изгорат и ќе се претворат во пустина. Како што денес е пустина најголемиот дел од „Златната полумесечина“, лулката на цивилизациите.

Можеби најелегантното решение го слушнав од еден драг пријател кој вели: „Ајде целото светско ѓубре да го увеземе, па одеднаш да го запалиме, и онака утре сè ќе изгори“.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот