Секако е наше право, но нема ништо револуционерно во апстиненција од гласање

Фото: Ерол Шаќири

Јас не би ги навредувал или напаѓал тие што не сакаат да го искористат правото на глас како што тие агресивно ги напаѓаат тие што планираат да гласаат, но би додал неколку работи во таа насока. За мене е многу трагично кога една политички едуцирана личност а под тоа подразбирам индивидуа која е свесна за општествените и политички случувања во државата своеволно одлучува да не го искористи правото на глас. Причините за ваквата одлука како велат тие е разочараноста во политичките субјекти за кои тврдат дека „сите се исти“ и дека нив им е мака да гласаат дури и за „помалото зло“. Секако дека таа одлука е нивно право, ние сме држава со парламентарна демократија каде гласањето не е облигаторно и не постојат никакви законски последици ако не гласате (во Бразил на пример ако не гласате не можете да извадите лични документи или пак да се вработите во државна администрација). Сепак, мене лично неколку работи ме иритираат.

Прво, одлуката за не излегување на гласање се претставува како некој револуционерен чин. За мене ова претставува навреда и непочитување на сите оние луѓе кои низ историјата пролеале крв и го изгубиле животот борејќи за правото на глас да биде овозможено на сите граѓани без разлика на припадноста и социјалниот статус, право кое конечно е запечатено со членот 21 од Универзалната Декларација за Човековите Права на ОН во 1948 година и кое се карактеризира како едно од фундаменталните човекови права. Оттука, не смеете на исто рамниште да ги ставите правото на глас, односно историската борба за правото на глас и вашата одлука да не го искористите истото. Правото на апстиненција извира директно од загарантираното право на глас кое е најважната демократска алатка за обликување и формирање на демократското општество. Понесени од емоциите може да го отфрлите како граѓанска обврска кон општеството и државата, ваше право, но немојте ве молам да го претставувате како некој си револуционерен чин.

Второ, за тоа дека „сите се исти“ мислам дека навистина нема потреба да се дискутира затоа што секој од политичките субјекти во поновата историја на државата го оставиле својот белег. Последиците (позитивни/негативни) од нивното политичко делување сите ги чувствуваме и тоа е мерлива категорија.

Трето, мораме да се дистанцираме од теоријата на „помалото зло“. На македонската политичка сцена нема помало и поголемо зло, има само зло и тоа има име и презиме. На едната страна е злото, на другата се сите општествени чинители кои се борат против истото, а борбата не е краткотрајна и лесна, напротив таа е постојана и тешка. Злото сеуште не е победено, затоа што конечна победа врз злото не е само да го оставите надвор од политичко одлучувачкиот процес туку да го дефакторизирате, а тоа е возможно само со глас против, односно многу гласови против.

Јас пак да сум носител на политички субјект кој претендира да биде власт никогаш не би повикал граѓаните да гласаат за мене затоа што сум „помалото зло“, гласовите на тие кои мислат за мене дека сум зло, па макар и помалото не би ми требале. И тука доаѓаме до главната поента, личната одговорност. Никој не може да знае со сигурност како една политичка гарнитура ќе се однесува откако ќе ја добие власта, но секако може да претпоставиме, а тие претпоставки се базираат на нивниот „минат труд“ според кој многу лесно може да препознаете кое е ЗЛОТО. Доколку вашата индиферентност, односно одлука да бидете пасивен набљудувач на настаните преку не излегување на гласање придонесе на злото да му се даде власт тогаш тоа е и ваша одговорност па макар и во мала мера. Да потсетиме, цензус не постои, гласале вие или не некој секако ќе победи. Сакате да дадете порака на политичарите, во ред, но таа порака „никако го нема својството на само порака, нити пак ќе биде ирелевантно во политичкиот свет“ (Исаковиќ), таа порака ќе влијае на изборните резултати, како моментално котираат политичките субјекти можеби нема да го реши победникот, но секако ќе влијае на стабилноста на идната влада.

Иделна власт или влада не постои. Мене лично ме интересира како некоја власт одговара на потребите на граѓаните, односно како се справува со реакциите на граѓаните на нивните погрешни политики, колку е таа респонсивна. Сите прават грешки и не ретко носат погрешни одлуки, но прашањето е дали погрешните одлуки се признаваат и поправаат. Дали за поништување или менување на некоја погрешна одлука која не е во интерес на граѓаните ни требаат пар текстови и настапи во медиумите и социјалните мрежи или пак ни требаат протести, штрајкови,револуции во кои граѓаните ќе бидат тепани, малтретирани и апсени. Тоа треба да ви биде главната водилка за тоа на кого да го дадете гласот, гласајте за тој политички субјект кој мислите дека можете да го менувате на подобро и од внатре и од надвор. Ако во изминативе десетина години не ви е јасно кој би можел тоа да биде, тогаш ништо вас не ви е јасно, точка.

Доколку сепак се одлучите дефинитивно да не гласате, тогаш не смеете да се жалите на какви и да бидат политиките на идната власт. Дали ќе бидат тоа болни компромиси, дали ќе бидат непринципиелни коалиции, отстапки и таканатаму кои секогаш се случуваат кога главниот носител на власта го нема доволниот број а со тоа ја нема и моќта да ги постави работите како таа сака да ги постави туку ќе мора да прави компромиси, често и болни. Значи поентата е, не може и да не гласате и да ја задржите привилегијата на постојано критикување, односно кукање.

Веќе еднаш сум напишал а тука ќе го повторам мојот личен случај. Моментално имам работен ангажман во Африка. Имав одобрен одмор закажан за средината на Февруари кој го поместив за крај на Март само заради тоа да можам да гласам на изборите кои беа закажани првенствено за 12 Април. Со пандемијата изборите се одложија арно ама се затворија и границите. Веќе 10 месеци не сум бил дома, не сум ги видел сопствените деца, жена, родители, пријатели. Дали сум идиот, можеби, дали се каам што го помествив одморот, секако, дали ќе го променам односот кон правото на глас, НИКОГАШ. Тоа е за мене свето право и сум среќен што го имам и дур сум жив ќе го искористувам секогаш кога ќе бидам во можност. Доколку пак некој некогаш се обиде да ни го одземе правото на глас се надевам дека нашата реакција ќе биде жестока и во масовен облик.

Политичарите се плашат од нашиот глас, тој значи поддршка но пред се одговорност, гласај и држи ги одговорни!

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот