Се забрза инфлацијата во еврозоната, еве што поскапи најмногу

Евра/ Фото: МИА

Инфлацијата во еврозоната изминатиов месец нагло се забрза, поддржана од дополнително зголемување на цените на енергијата и свежата храна и значителен пораст на цените на индустриските производи, покажаа првите проценки на Европскиот завод за статистика во вторникот.

Така, годишната инфлација измерена со усогласениот индекс на потрошувачки цени (ХИЦП) достигна три проценти во август, процени Евростат.

Тоа би бил нивниот најсилен раст дури од ноември 2011-та година, покажуваат податоците на Европскиот завод за статистика.

Во јули, во споредба со истиот месец минатата година, потрошувачките цени во областа на примена на заедничката европска валута беа повисоки за 2,2 проценти, се вели во најновиот извештај.

Што поскапи најмногу?

Цените на енергенсите повторно забележија најголем раст, за 15,4 проценти во споредба со истиот период минатата година, и нешто повисоко отколку во јули, кога нивната цена порасна за 14,3 проценти.

Побрз раст на цените е забележан и кај свежата храна, за 2,9 проценти, по 1,9 проценти во претходниот месец.

Во споредба со август минатата година, растот на цените на индустриските производи значително се забрза, на 2,7 проценти, од 0,7 проценти во јули, покажуваат првите проценки на Европскиот завод за статистика.

Основната инфлација, која ги исклучува нестабилните цени на енергијата и свежата храна и е следена од Европската централна банка (ЕЦБ) при одлуките за монетарната политика, исто така, значително се забрза, на 1,6 проценти во август, од 0,9 проценти во јули.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот