Се „крчка“ нов Кривичен законик, но и Закон за кривична постапка

Министерство за Правда/ Фото: Влада на СРМ

Еден од приоритетите е изготвување и донесување на нов Кривичен законик, во кој ќе бидат содржани сите кривични дела од други закони (кодификација)

Тече подготовката на новиот Кривичен законик, информираат од Министерството за правда, додавајќи дека овој закон е дел од реформските приоритети. Но, оттаму не откриваат повеќе детали какви промени да се очекуваат.

– Еден од приоритетите е изготвување и донесување на нов Кривичен законик, во кој ќе бидат содржани сите кривични дела од други закони (кодификација), усогласување на казнената политика, усогласување на текстот со директивите на ЕУ од областа на казнено материјалното право и отстранување на лоцираните слабости од досегашната практика, велат од Министерството за Слободен печат.

На него работат домашни и странски експерти под капата на Мисијата на ОБСЕ во земјава.

За потребата од т.н. кодификација укажуваат и од  Институтот за европски политики поради како што велат, бројните измени и дополнувања на Кривичниот законик.

Втората причина која ја наведуваат од Институтот е големиот број вонкривични прописи што не се усогласени со Кривичниот законик, а како пример го посочуваат делото „даночна измама“.

– Треба да се утврди и потребата од постоење на одредени кривични дела, како што е делото „даночна измама“, со оглед на фактот дека битието на ова дело е содржано во кривичното дело „даночно затајување“, како и да се усогласат пропишаните казни со тежината на определните кривични дека, сметаат од Институтот.

И од Министерството и од Институтот сметаат дека се неопходни и измени во Законот за кривична постапка. со кои ќе се забрза самата кривична постапка.

– Најголем проблем во однос на кривичната постапка претставува недоставувањето на докази од страна на Јавното обвинителство до одбраната на самиот почеток на постапката, со што се ограничуваат правата на одбраната. Ова предизвикува проблеми во самата постапка и често поради потребата од соодветна примена на одбраната се одложува и главната расправа, констатираат од Институтот.

Од друга страна, универзитетскиот професор Гордан Калајџиев, кој воедно е и претседател на работната група која го подготвува Законот за кривична постапка под медијација на ОБСЕ, вели дека периодов не бил контактиран од страна на министерот Бојан Маричиќ. Тој информира дека новото законско решение и било понудено на поранешната министерка за правда Рената Десковска и за него требало да отпочне јавна расправа.

– Имаме нови ЕУ директиви кои треба да се имплементираат, што не се вградени со измените кои досега ги изработувавме. Новиот ЗКП е скоро готов. Бидејќи содржи голем број измени, особено технички, ќе биде поднесен како нов закон. Над една третина од членовите се изменети, вели професорот Калајџиев.

Неофицијално, дел од новините со новото законско решение за кривична постапка, подготвено од работната група, е уште на самиот старт на истрагата лицето да биде информирано дека е опфатено во постапка, односно на самиот почеток од обвинителската фаза, а не на самиот крај од истрагата, каква што беше досегашната практика.

Дилеми, при подготовката на измените, настанале и околу членот од новиот Закон за јазици, кој предвидува превод на материјалните докази, но и симултан превод во судницата и на албански јазик. Сепак, најверојатно ова прашање било оставено да се регулира со посебен закон.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот