Санкционирани 57 посетители кои фрлале отпадоци и вознемирувале животни
Вкупно 57 несовесни посетители во Зоолошката градина во Скопје, кои фрлале храна и отпадоци или пак ја загрозувале безбедноста на животните и ги вознемирувале, викендов, биле санкционирани или опоменати од страна на инспекторите од Инспекторат на Град Скопје.
-Изминатиот викенд заедно со инспекторите од Инспекторат на Град Скопје ја започнавме кампањата за заштита на животните во ЗОО Скопје. Санкционирани, едуцирани или опоменати беа вкупно 57 несовесни посетители кои фрлаа храна и отпад или ги вознемируваа животните. Во иднина се повеќе заеднички ќе работиме на едукација на посетителите кои за викенди ги има во голем број – информираат од Зоолошката градина.
Од таму најавуваат дека, во рамките на кампањата „Остани безбеден”, веќе од следниот викенд, ќе се вклучи и СВР Скопје.
-Заедно со полицијата и млади волонтери ќе ги едуцираме граѓаните за носење маски и придржување кон кодексот на однесување во Скопје ЗОО, како и безбедно движење низ градината – додаваат од ЗОО Скопје.
Од таму најавуваат дека, конечно долгоочекуваниот Дино Парк ќе се отвори наредната недела.