Самоспасувањето е клучен чекор при непогоди, но нема едукација на ова поле

Фото: Приватна архива

Самозаштитата во случај на природни непогоди е основата да се намалат последиците при природни катастрофи, но во Македонија едукацијата на ова поле речиси ја нема, вели Ивица Наумовски раководител на одделение Скопје при Дирекцијата за заштита и спасување.

Тој беше дел од македонскиот тим кој замина во спасувачка мисија во Адијаман, еден од турските градови, кој беше погоден од силниот земјотрес.

Специјалните тимови не се прва фаза во заштитата на населението во случај на катастрофи. Тие се мобилизираат, го менаџираат целиот процес, а за сето тоа е потребно време, а токму во тој критичен период населението треба самото себе си да си помогне, но и на другите околу нив.

Неопходна е едукација преку системско образование и работилници, за основните вештини за самозаштита.

„Научивме лекција од Турција, а тоа е дека ние мора да се подготвуваме за вакви катастрофи. Јапонија е лидер во овој поглед, се работи за трусен регион и 90 % од нивното население при која и да е природна непогода е подготвено за самоспасување. Самото население знае меѓусебно да пружи помош, за да се намалат човечките жртви, а потоа доаѓаат спасувачките тимови, така да таа е научена лекција. Ова не е скап процес, треба да има посветени часови и за најмалите, па се до факултет, работни организации со неколку предавања, со што би се подигнала свеста. Повозрасните генерации го паметат предметот „Одбрана и заштита“, би било добро да се размисли да се воведе тој предмет во делот на заштитата.Човечка рака никогаш доста дефинитивно, потребни се повеќе спасувачи или лица кои би се вклучиле во системот на заштита и спасување, ова е апел за сите кои сакаат вистински да помагаат да ги контактираат нашите канцеларии ако сакаат да се вклучат во нашите спасувачки акции, за да видиме каде би можеле да помогнат оти ние сме вработени, но поголемиот дел од тимовите се луѓе кое се со договор – волонтери, според специјалноста која ја имаат“, вели Ивица Наумовски раководител на одделение – Скопје при Дирекцијата за заштита и спасување.

Фото: Приватна архива

Еден од волонтерите на дирекцијата е Александар Стојановски од Тетово. Мора секој од нас да придонесе за да се намалат катастрофите од природните непогоди, за кои мора да бидеме подготвени, вели тој.

„Јас доаѓам од планинското спасување и таму е јасно дека постои самопомошта и другарската помош кои се најважни за преживување, а спасителната помош е на трето место оти за такво нешто треба повеќе време, мобилизација, па често и е задоцнето. Сега во случајот е земјотресот, но се случуваат и поплави, лизгање на земјиште лавини и многу други несреќи, кои често ги занемаруваме и велиме нема да се случат, наместо да ги предвидиме и да се подготвиме. Треба да бидеме подготвени да ги дадеме нашите ресурси пред се човечки, но и материјални, значи секој од нас да придонесе, но и техничките капацитети кои ги имаат институциите и компаниите. Но, сето тоа треба да биде добро менаџирано, да не биде на лично мислење како да се делува, туку треба да биде склопено во еден систем, за да можеме ефикасно да се носиме со таа ситуација“, изјави волонтерот во ДЗС Александар Стојановски.

А кои се првите чекори кои треба да се превземат во случај на земјотрес?

„За земјотрес граѓаните првично треба да најдат засолниште во својот дом, ако се во трпезарија да се искористи масата или касата на вратата, ако дојде до зарушување на објектот тоа ќе не заштити од елементите кои би паднале или пак од прозорците ако се урнат и скршат. Ако сте во автомобил, најдобро е да се остане во возило, а потоа да се најде безбедна локација, но подалеку од дрвја и бандери и тие можат да паднат, ова се најосновните работи. Кога има земјотрес обично најпрвин паѓаат надворешните ѕидови на објектите, фактички тоа е и апелот, да се користат внатрешните простори на објектите. Мора да се почека, па потоа да се напушти објектот. Станарите треба да завземат една страна на скалите оти тие се многу осетливи, еден позади друг да се спуштаат полека, а не како толпа оти тие можат да попуштат, тие се многу осетливи оти се поврзани кат со кат. Ова е во делот што можат да го направат самите граѓани, но ако дојде до уривање на објектот, тогаш најдобро би било самите на себе да си дадат помош оти додека дојдат спасувачите да се организираат и мобилизираат за сето тоа треба повеќе време“, вели Ивица Наумовски раководител на одделение Скопје при ДЗС.

Наумовски и Стојановски беа дел од македонски тим во спасувачката акција во Адијаман каде извлекоа една жена од под урнатините.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот