Само угостителите „тријат раце“ од Вевчанскиот карневал

Ние како Општина немаме никаков прилив во Буџетот од овој карневал, но затоа имаат угостителите кои се заминаваат со оваа дејност, рече градоначалникот.

Три дена Општина Вевчани и нејзините жители пулсираа со карневалот кој има традиција повеќе од 1.400 години.

Екипата на „Слободен печат“ можеше да забележи дека ова место живее за овој настан. Во Вевчани има околу 70 легла, кои се изнајмуваат како апартмани, а во овој период од годината тие од поодамна беа резервирани. Исто така, сите угостителски објекти беа преполни со гости. Во ова планинско село има шест ресторани, 4-5 кафулиња и неколку маркети во кои можеше да се забележи голема раздвиженост.

– Ние како Општина немаме никаков прилив во Буџетот од овој карневал, но затоа имаат угостителите кои се заминаваат со оваа дејност. Ние кубуриме со сместувачки капацитети, како сега, така и во летниот период. Ние како општина тежнееме кон тоа да се зголемат капацитетите, да привлечеме инвеститор кој ќе изгради хотел со барем 50 легла – вели градоначалникот на Општина Вевчани Сашо Јанкоски.

Градоначалникот вели дека со изградбата на вакви објекти Вевчани може да биде полно и во текот на пролетта и есента каде што ќе се оддржуваат семинари, тим-билдинзи и слично, поради тоа што овој крај е опкружен со прекрасна природа која навистина треба да се погледне.

Инаку, главен покровител на Вевчанскиот карневал е Министерството за култура, кое според програмата, на Општината Вевчани ѝ одобрува средства за оваа манифестација.

– Ние во месец октомври аплицираме во министерството, по што тие оформуваат комисии, кои потоа одлучуваат колку средства ќе ни бидат одобрени, но мислам дека се уште не е завршена фазата на одобрување. Можам да кажам дека минатата година имавме побарување од 2.100.000 денари, а ни беа одобрени 1.050.000 денари, па поради тоа разликата од доделените и потрошените средства ги исплаќаме од општинскиот буџет – додава Јанковски.

Тој истакна дека од 12 септември Општината Вевчани од Министерството за животна средина го има превземено споменикот „Вевчански извори“, кој се протега до албанската граница, а е заштитено подрачје, и на Општината ќе ѝ донесе дополнителни средства.

– Сега ние имаме план за управување со овој предел, каде што се нотирани строго забранете зони, зони на одржливост и зони на активно управување. Тука ние го гледаме развојот на нашата Општина, затоа што со самото управување ќе имаме значителен прилив во општинската каса – ни изјави Јанкоски.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот