Само неизвесноста е извесна

Бошко Јакшиќ / Фото: МИА

Постои реален ризик да се создаде ситуација Северна Македонија да биде прогласена за „уривачки фактор“ доколку ги отфрли условите што на Софија ѝ одговараат повеќе отколку што се надеваше. „Добри момци“ во Софија, „лоши момци“ во Скопје.

Мотивиран повеќе од критиките и од заканата дека ќе го изгуби угледот, а помалку од грижа на совест што во октомври 2019 година го блокираше отворањето на пристапните преговори со Северна Македонија и Албанија, францускиот претседател се вклучи во третиот европски обид да посредува во спорот помеѓу Скопје и Софија.

Емануел Макрон опасно си поигра со влијанието на Европската Унија на Западниот Балкан, за да се соочи, заедно со другите лидери на Унијата, со сериозното незадоволство на шесте земји во регионот кои излегоа со празни раце од јунскиот самит, на кој кандидатски статус прекуредно им беше доделен на Украина и на Молдавија.

Сите во регионот би се согласиле дека Унијата ја направи најголемата грешка во однос на Северна Македонија и на Албанија, кои беа вклучени во истиот пакет. Нивниот пат беше блокиран во 2000 година со бугарското вето, кое го условува Скопје со барања што длабоко ги поткопуваат идентитетските прашања на неговиот западен сосед, од положбата на малцинствата до јазикот. Зошто предлогот нема(ше) официјален превод на македонски, не е јасно.

Од потпишувањето на Договорот од Преспа во јуни 2018 година, со кој спорот за името беше испратен во архива, Македонија оди по цик-цак линија. Постојано се менуваа нападите на оптимизам и песимизам. По блокадата на Макрон, протолкувана како потреба ЕУ прво да ги утврди правилата за проширување и да ги реформира, се мислеше дека доаѓањето на владата на Зоран Заев ќе го отвори патот кон ЕУ, но се покажа дека нивото на бугарскиот национализам беше превисоко за компромис. Се истури нова кофа со студена вода на самитот во Брисел.
Откако го слушна албанскиот премиер како отворено зборува за „измамничкиот дух на проширување“ на самитот, Макрон сфати дека неговата репутација е доведена во прашање. По многу изгубено време, конечно се ангажираше порешително. „Предолго чекавме“.

Тој ги повика политичарите од целиот бугарски спектар да го поддржат неговиот компромисен предлог што ќе овозможи укинување на ветото. „Тоа е нивна европска должност“, рече францускиот претседател.

Неодамна, во мај, бугарските политичари, вклучително и премиерот Кирил Петков, чија центристичка коалиција оттогаш пропадна, ги отфрлија сите иницијативи од ЕУ. „Само Народното собрание го има конечниот легитимитет за мандатот на Северна Македонија и тоа мора да биде совршено јасно за целото бугарско општество и за нашите странски партнери“, рече Петков, додавајќи дека „владата нема да направи ништо под надворешен притисок“.

Тогаш, по „историската одлука“, бугарскиот парламент ѝ даде зелено светло на Владата да ѝ дозволи на Северна Македонија да ги започне пристапните преговори, но со четири услови: бугарското малцинство да биде признаено во Уставот на Република Македонија, да нема автоматско бугарско признавање на македонскиот јазик, протоколите што ги одредуваат односите меѓу двете земји да бидат вклучени во преговарачката рамка на ЕУ и Европската комисија да го надгледува спроведувањето на договорот.

По контактите со двете страни, Макрон оцени дека е најдено компромисно решение, но не прецизира дали станува збор за претходниот предлог на француското претседателство со Унијата или е дополнет. Претстојат преговори за „финализирање на договорот“. Доколку бидат успешни, ќе одат пред амбасадорите на ЕУ, по што би било укинато ветото заедно со европските гаранции што ги бара Софија.

Во Софија се задоволни, што укажува дека иницијативата е многу поповолна за Бугарија, отколку за Северна Македонија. Реалната политика во своето најдобро издание: Бугарија е членка на НАТО со пристап до Црното Море, што е важна локација за испорака на оружје и опрема за Украина. Притоа, таа е и членка на ЕУ.

Очигледно е дека Унијата повеќе сочувствува со својата своеволна членка за да избегне конфликтни ситуации како што ги има со Унгарија и со Полска. Северна Македонија е помалку важна што му овозможува на Западот да го зголеми притисокот врз Скопје, а не врз Софија. Не се работи само за предлогот на Макрон. И Американците очекуваат владата на премиерот Димитар Ковачевски да „легне на брашно“ по принципот „земи или остави“.

Од Унијата велат дека предлогот е во согласност со барањата на Бугарија, за кои се вели дека се во согласност со она што може да го направи Северна Македонија. Може ли?
Надлежните прво го оценија предлогот како неприфатлив. Националистичката опозициска ВМРО-ДПМНЕ донесе демонстранти на улиците на Скопје. Тогаш премиерот Ковачевски повтори и најави дека францускиот предлог ги содржи забелешките на Скопје и дека тој претставува „цврста основа за градење став“. Она што е сменето останува нејасно и недокументирано, предизвикувајќи сè поголеми сомнежи дека Владата е подготвена да го избира „од лошото полошото“. Логиката на давање и земање може да обезбеди краткорочно решение, но се заканува да воведе нестабилност на долг рок.

Гледано од дистанца, предлогот не гарантира дека во текот на преговарачкиот процес Софија – охрабрена од поддршката од Брисел – нема да излезе со нови барања. Софија смета на капитализирање на својот меркантилен и уценувачки капацитет.

Ако Макрон ја собра Бугарија околу својот предлог, внесе раздор во Македонија. Известувачот за Северна Македонија Илхан Ќучук може да го пофали францускиот предлог како „најдобриот“ што можат да го постигнат двете земји и да увери дека во 21 век ничиј идентитет не може да се одземе, но многумина во Скопје не му веруваат на бугарскиот политичар.
Топката се префрла во скопскиот двор. Постои реален ризик да се создаде ситуација Северна Македонија да биде прогласена за „уривачки фактор“ доколку ги отфрли условите понудени од Софија, кои на Бугарија ѝ одговараат повеќе отколку што се надеваше. „Добри момци“ во Софија, „лоши момци“ во Скопје. Според ваквото сценарио, Албанија ќе почека уште некое време за да види што ќе се случи, но Тирана не сака да биде бугарски заложник, па затоа е реална можноста да побара да се оддели од Северна Македонија и да тргне по својот пат. Позицијата на Скопје со тоа дополнително би била ослабена.

Вториот избор, да се прифати предлогот за фаворизирање на Бугарија, е еднакво лош бидејќи прашањето за негирање на македонската историја, јазик, идентитет, култура и наследство сигурно ќе експлодира.

Постои трета, најреална опција. Сериозно да се разговара за францускиот проект како „преоден компромис“ и да се убеди Западот дека решението што ја фаворизира Бугарија не ги елиминира проблемите, туку само ги одложува. Проблемот е што Макрон и збирката политичари од ЕУ што го следат, сакаат да ги остварат своите паневропски амбиции сега.

За Европејците формата е многу поважна отколку суштината. Во Западен Балкан тие веќе имаат конфликтни ситуации што не можат да ги решат со децении – Косово и Босна и Херцеговина – па по секоја цена спорот помеѓу Софија и Скопје го туркаат под тепих толерирајќи ги уценувачките капацитети на Бугарија, која во моментов е нивен партнер од прв, а Северна Македонија од втор ред.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот