Сакате ли да бидете луѓе или вмрони!?

Вмроните не се борат да ја освојат власта во Македонија, туку се борат да ја освојат Македонија. Тоа ја прави разликата со сите други политички актери –  драстична. Таа разлика не е естрадна. Таа разлика не е прашање на политичката естетиката, дури не и на политичката аналитика. Таа разлика ги инфантилизира сите што вмро-дпмне го третираат како политички фактор. Од претседателот на државата, до премиерот и од Езоп до Марко Цепенковски и Бранко Црвенковски. Макар што би можел да имам разбирање за тоа поведение како тактичко препуштање на средината на теренот. Со брзи контранапади во кои ќе му се наполни голот на противникот.

Обратно од, кој беше, можеби, Клаузевиц, за вмро-дпмне политиката е продолжување на војната со други средства. Политиката не е демократска, туку воена категорија исто како што демократијата не е политички и вредносен систем, туку е инструмент на воените операции со други средства. Таа разлика мора да го активира имуниот систем на државата и на општеството и тоа патетично чудовиште да го фрли под потпетиците на Историјата.

Не мислам тука на полуписмената багра што настапува како материјална сила на злото, туку говорам за идејната основа на инсталацијата, која на Македонија гледа како на привремено отстапена територија што треба да се врати во владение на единствената структура, која од Господ е одредена да ги артикулира македонските интереси, односно одбива да ја признае Македонија како феномен низ кој македонскиот народ ги реализирал своите државни претензии и потенцијали. Реално да ја признае. Односно да стане нормален политички фактор. Или, кога на Македонија гледа како на национална и државотворна реализација, вмро-дпмне ја посматра како предмет на врвната изневера на своите принципи и објект кој треба итно да се демонтира. По секоја цена. И тие тоа го прават. И секој ден, во секој поглед, напредуваат. Тоа значи дека тие на политичкиот процес гледаат како на артилериска подготовка за офанзивата врз бедемите на власта и како на важна битка за покорување, пљачка и уништување на целта. Тие се нашите внатрешни визиготи. Груевски и неговото гипсирано клонче, се нашите внатрешни одоакари. Таа артилериска подготовка е перманентна. Се стрела со пучистички, медиумски и изборни хаубуци, сосе, според принципот тепих кој остава директни материјални и човечки жртви, а кај преживеаните создава морална паника, општа психоза, несигурност, хаос…

Тие се стремат кон национално единство на етничка основа и со комплетна демонтажа на културниот модел. Односно на единството гледаат како на племенска категорија. За Македонија каква што ја знаеме, тоа е смртоносна операција и според етничкиот принцип и според акултурацискиот пристап.

Таа димензија на работите мора да биде јасно презентирана во рамките на кампањата за многу важните, можеби, клучни избори. Не како апел за пресметка, молам, вмро е дел од македонската историја, култура и самопоимање, апсолутно искривоколчено, но прифатено и втемелено во самосвеста, така што оваа соочување е соочување со опциите кои нашата плитка историја ни ги изградила: сакате да бидете или нејќете!

Сакате да бидете луѓе или вмрони!?

Тоа треба да биде прашањето што ќе доминира во кампањата, а не некаков апел за битка со вмроните од страна на нормалните. И не ставот на СДСМ дека вмро-дпмне не е таква партија каква што е опишана во горните редови. Таа профилација мора да ги измести од сегашната комоција луѓето што мислат дека Македонија е во борба на две опции за власта. Во која тие ќе ја бараат својата шанса. Тоа е само технички така. Битката е за Македонија. Битката е на сè или ништо.

Тоа значи дека тие луѓе, толку колку што се луѓе, својата битка против Заев, ќе мораат да ја ситуираат во тоа „сè“, така што низ изборната и предизборна битка ќе го обезбедат оти во ништото нема да го има ниту Заев ниту пак нив ќе ги има.  Се разбираме, не!?

Вмро-дпмне ќе падне на разликата меѓу катастрофата што ја адресира на СДСМ и реалноста. Луѓето ќе почнат да забележуваат дека минуваат сите рокови што во беспримерните кампањи на чипираните идиоти беа одредувани за умирачка на државата и на нив како национални и социјални битија, ќе почнат да се прашуваат во што е негативната разлика во нивните животи, идентитети и достоинства, во Република Северна Македонија и Република Македонија. Дистанцата од возбудливите филмски стории за банкноти по педесет евра со детална спецификација, спакувани во „луј вутон“, ќе го натера нашиот човек да се праша како е можно еден богат човек да крене револуција за смена на власта само за да може да формира сојуз за рекетирање на Силјан Мицевски и на оној Азманов. Како може да е октоподски антиевропеец човекот кој ја однесе Македонија во Брисел сосе вмронските говна и наспроти нив, прикажувајќи ги таму како чист македонски пудинг.

Мицко пудинг.

Ванила.

Хистеријата ќе се исцрпи самата од себе и на луѓето ќе почнат да им се отвораат вистинските одговори.

Прашањето на култивирањето на вмронската опција или нејзиното маргинализирање, па дури и елиминирање може да се реализира низ подолготрајно држење на комитите подалеку од основните рачки на општите ресурси. Нема граѓански војни. Преку темелни изборни порази кои ќе ги откажат од идејата да ја „ослободуваат“, односно растураат Македонија и ќе ги вклучат како нормален фактор.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот