САД инвестира 3,2 милијарди долари во справувањето со мигрантите од Централна Америка

Американската потпретседателка Камала Харис / Фото: EPA-EFE

Потпретседателката на САД, Камала Харис, склучи корпоративни договори од 3,2 милијарди долари за справување со факторите што предизвикуваат некои од Централноамериканците да мигрираат во Соединетите држави, според нејзината канцеларија, напор што таа ќе го промовира на Самитот на Америка во Лос Анџелес.

Новите обврски од компаниите – вклучително Виза и конфекциската компанија Gap Inc – изнесуваат 1,9 милијарди долари и нешто повеќе од 1,2 милијарди долари, што ги вети приватниот сектор во декември.

Ветувањата претставуваат главен дел од планот на претседателот Џо Бајден за решавање на „основните причини“ за миграцијата од Гватемала, Хондурас и Ел Салвадор, регион познат како Северен триаголник.

Последната рунда корпоративни инвестиции има за цел да создаде работни места, да го прошири пристапот до интернет и да донесе повеќе луѓе во формалниот банкарски систем, велат од канцеларијата на Харис.

Сепак, напорите на САД да ја запрат миграцијата од Северниот триаголник беа фрустрирани на моменти од корупцијата, при што проектите вредни милиони беа отфрлени и дел од ангажманот на приватниот сектор закочен.

Дополнително комплицирајќи ги работите, претседателите на Гватемала и Хондурас сигнализираа дека нема да присуствуваат на состанокот на самитот оваа недела и наместо тоа ќе испратат други официјални лица. Останува нејасно дали ќе присуствува претседателот на Ел Салвадор, Наиб Букеле.

Последната рунда корпоративни ветувања вклучува 270 милиони долари од Visa со цел да внесе 6,5 милиони луѓе во формалниот банкарски систем и ветување од 150 милиони долари од Gap Inc за зголемување на материјалите добиени од регионот.

Останатите компании опфаќаат различни сектори, вклучувајќи автоделови, земјоделство, телекомуникациски и дигитални услуги.

Харис, исто така, треба да промовира иницијатива фокусирана на жените со приватниот сектор, која има за цел да поврзе 1,4 милиони жени со финансискиот систем и да обучи повеќе од 500.000 жени и девојки за работни вештини.

Дополнително, Харис ќе покрене иницијатива вредна 50 милиони долари наречена Централноамерикански сервисен корпус, дизајнирана да им даде на младите во Северниот триаголник можности за платена општествено корисна работа во области како што се образованието и превенцијата од насилство. Програмата ќе ја администрира Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД).

Неколку илјади мигранти, многумина од Венецуела, тргнаа од јужниот дел на Мексико рано во понеделникот со цел да стигнат до Соединетите држави, а нивното патување беше темпирано да се совпадне со самитот.

Најмалку 6.000 луѓе, според очевидци на Ројтерс, го напуштиле градот Тапачула, во близина на границата на Мексико со Гватемала.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот