Сѐ уште нема уредба за организирање на плажите: Гостите место на лежалки, ќе лежат на крпи

profimedia

Хотелите се отворија, но нема протоколи за плажите пред нив, па хотелиерите револтирано велат дека засега може да ги пратат гостите само со крпа на плажа.

– Сѐ уште немаме протоколи како да ги уредиме плажите, нема лежалки, па на гостите можеме само да им понудиме крпа за да може да се капат – вели Крсто Блажевски, претседател на Хотелската асоцијација на Македонија (ХОТАМ).

Најкусата опсервација за оваа туристичка сезона од аспект на гостите е дека може да се очекуваат домашните гости, а од странство ќе допатуваат само најхрабрите. Поконкретно, минимални се надежите за странски гости што би дошле преку организирани патувања, а хотелиерите предвидуваат дека сѐ ќе се сведе на индивидуални посети, но и тоа во голема мера ќе зависи од тоа како ќе се одвива олеснувањето на протокот на патници. Аеродромите и границите се затворени, а дозволен е само транзит низ државава.

Очигледно оваа година ќе биде година на борба за секој турист, за секое ноќевање, така што е за очекување дека туристичките работници ќе се свртат кон домашните гости.

– Хотелите и досега не беа затворени за странски гости, но тие не доаѓаа. Сѐ додека не се олеснат протоколите и не се отворат аеродромите и границите, не може да се надеваме на организирани групи. Сите договорени аранжмани за оваа година се префрлени за идната година. За тур-операторите „Корендон“ и „ТУИ“, што носеа гости од Холандија и од државите од Бенелукс, сезоната почнуваше уште во мај, така што ако сѐ беше нормално, за нас ова веќе ќе беше средина на сезоната. Засега може да работиме само со гости од Србија и од Косово, но тие се повеќе индивидуалци. Сите се плашат од пандемијата, но и од фактот дека ќе треба да поминат карантин – вели Крсто Блажевски, претседател на ХОТАМ.

Тој оценува дека и нашинците од дијаспората ќе ја промашат оваа сезона, ако остане карантинскиот протокол за 14-дневна изолација.

Сепак, во дел од домашните одморалишта има најави за резервации за јули, август и тоа од туристи од Бугарија. Роза Сирачевска, сопственик на „Аурора ресорт и СПА Берово“, вели дека покрај домашните, веќе има интерес и од странски гости, конкретно од Бугарија.

– Веќе се јавуваат и резервираат за јули-август. Ние имаме традиционално добра соработка со гостите од нашиот источен сосед – додава Сирачевска.

И според Љупчо Јаневски, директор на Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот, одредени тур-оператори сѐ уште не ги откажале аранжманите за Охрид и Македонија.

– Очекувам веќе во август доколку има релаксирање на ситуацијата и доколку Македонија стане безбедна дестинација, за што мора сите да придонесеме, да можеме покрај домашни, да видиме и странски туристи – изјави за МИА Јаневски.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот