Руте: Ако С. Македонија не го прифати францускиот предлог, Албанија ќе продолжи сама кон ЕУ

Средба на премиерот Зоран Заев и холандскиот премиер Марк Руте / 10 ноември 2021 / фото: Драган Митрески / Слободен печат

Премиерот на Холандија, Марк Руте, изјави дека Западен Балкан, вклучително и Албанија, „напорно работи на влез во Европската унија“. На заедничката прес-конференција со албанскиот премиер Еди Рама за време на неговата вчерашна посета на Холандија, Руте рече дека Албанија ја има целосната поддршка од Холандија во процесот на европска интеграција.

„На самитот за Западен Балкан што се одржа во Брисел, ЕУ ја потврди својата посветеност. Што се однесува до забелешката на Еди Рама потоа, мислам дека тој беше во право – не беше успешна средба. Треба да направиме повеќе. Знаеме дека земјите од Западен Балкан, вклучително и Албанија, работат напорно за да се приклучат кон ЕУ и Албанија ја има целосната поддршка од Холандија. Проблемот овде е Северна Македонија и благодарение на француските напори има нов момент во процесот на пристапување кој ја погодува и Албанија. така што двете земји, барем политички, се поврзани. Го поддржуваме францускиот предлог за отстранување на пречките што ги блокираат Северна Македонија и Албанија во процесот на пристапување. Предлогот нуди решение за сите преостанати грижи“, рече Руте.

Руте рече дека ЕУ ќе продолжи да ја поддржува Северна Македонија во следните чекори доколку го прифати францускиот предлог.

Холандскиот премиер истакна дека одредувањето датум за првата меѓувладина средба ќе биде награда за албанската влада на Еди Рама и за реформите што ги спроведува.

„Тоа ќе биде и правична награда за целата работа што ја направи владата на Еди Рама и реформите што ги презеде, а што ги видов со свои очи при мојата посета во ноември кога бев во Тирана“, посочи тој.

Руте изрази оптимизам дека Северна Македонија ќе го прифати францускиот предлог и нема да има потреба од поделба на двете земји на нивниот пат кон ЕУ.

Меѓутоа, ако тоа не се случи, односно ако Северна Македонија го одбие предлогот, нагласи Руте, Албанија ќе има уште поголема поддршка од европските земји на нејзиниот независен пат кон ЕУ.

„Доколку Северна Македонија не го прифати францускиот предлог, Албанија ќе има поголема поддршка од другите земји сама да продолжи на патот, но се надевам дека тоа нема да биде потребно“, нагласи Руте.

Од своја страна, Еди Рама високо ја ценеше посветеноста на Холандија и му се заблагодари на премиерот Марк Руте за промовирањето на процесот на пристапување во ЕУ на Западен Балкан.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот