Русија чека отстапки за да го деблокира украинското жито

Жетва на полињата на пченица во регионот на Одеса - Фотографија ЕПА, Игор Ткаченко

Обединетите нации и Турција, кои се иницијатори и гарантори на иницијативата, се надеваат дека до полноќ ќе ја разубедат Русија, која предупреди дека ќе ја обнови блокадата на бродовите со храна. Претседателот Владимир Путин се жали дека договорот за извоз е целосно насочен кон неговата земја

Меѓународната заедница е под притисок да ѝ направи отстапки на Русија за да продолжи извозот на украински жита, од кој зависи прехранувањето десетици милиони луѓе во сиромашните земји.

Обединетите нации и Турција, кои се иницијатори и гарантори на иницијативата, се надеваат дека до полноќ ќе ја разубедат Русија, која предупреди дека ќе ја обнови блокадата на бродовите со храна. Претседателот Владимир Путин се жали дека договорот за извоз е целосно насочен кон неговата земја.

– Никој не направи ништо за нашите барања, баш ништо. Договорот ја штити едната страна. Ќе видиме, имаме уште неколку денови. Ќе се согласиме да ја продолжиме важноста ако бидат исполнети ветувањата. Ако не, ќе чекаме сѐ додека треба – изјави Путин во интервју на државната телевизија.

Обединетите нации предупредија дека ако не биде обновен договорот, ќе биде блокирана храна за 44 милиони луѓе во 38 земји, претежно во Африка и на Блискиот Исток.

Кога Русија лани во февруари изврши инвазија врз Украина, воени бродови од Црноморската флота ги блокираа украинските пристаништа, во чии силоси имаше близу 30 милиони тони жита, наменети главно за Африка и за Блискиот Исток. Блокадата ја вивна глобалната цена на храната, бидејќи Украина учествува со 46 отсто од глобалниот извоз на сончогледово масло, со 17 отсто од глобалниот извоз на јачмен, 12 отсто на пченка и 9 отсто на пченица.

Од вкупното количество извезена храна, 47 отсто е наменето за богатите земји како Шпанија, Италија или Холандија, 26 отсто за земји со средни приходи, како Турција и Кина, но клучни се преостанатите 27 отсто за сиромашните земји, бидејќи тоа им е единствениот извор на храна. Од досега испорачаната храна, 625.000 тони жита се доставени како хуманитарна помош за Авганистан, Сомалија, Судан, Јемен, Етиопија и Кенија, преку Светската програма за храна на ОН.

Со посредство на Обединетите нации и на Турција лани во јули беше постигнат договор за деблокирање на бродовите со жита, што веднаш ја спушти цената на храната за 20 отсто. Цената на тон пченица во изминатата година се намали од 450 на 250 долари за тон.

Претставници од Киев и од Москва се согласија бродовите со жито да се движат по строго ограничен коридор, широк 3 наутички милји и долг 310 милји, од пристаништата Одеса, Чорноморск и Јужни до собирна зона и понатаму директно до Босфор.

Првите договори беа продолжувани на периоди од по 120 дена, но во март и во мај годинава Русија прифати продолжување од по само 60 дена. Москва сега се заканува дека повторно ќе ги блокира пристаништата сѐ додека не бидат исполнети и нејзините барања – да бидат олеснети меѓународните санкции за Русија и да биде деблокиран извозот на руски жита и природни ѓубрива.

Од првите конвои, па до сега, преку коридорот во Црно Море се извезени 32 милиони тони разна храна, но и големо количество од рускиот извоз на природни ѓубрива. Извозот се намали од 4 милиони тони месечно на 1,4 милион тони во јуни, главно поради послабата жетва и воените активности и минирањата на региони со житни полиња. Украина се жали дека руски бродови во Црно Море сѐ почесто ги запираат украинските танкери со храна заради инспекции. Украински функционери пред неполна недела објавија дека руски проектил погодиле капацитет со силоси во украинско пристаниште.

Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган најави дека ќе ги засили напорите за да издејствува ново продолжување на иницијативата. Но, неговото влијание во Москва повеќе не е како порано, откако Анкара ја повлече блокадата за членство на Шведска во НАТО.

Генералниот секретар на Обединетите нации Антонио Гутереш како отстапка за Путин понудил враќање на руска банка за земјоделство во меѓународниот платежен систем СВИФТ од кој беа исклучени повеќето руски финансиски институции.

Москва веќе побара „Росселхозбанк“ да биде приклучена во СВИФТ, но претставник на Европската Унија во мај предупреди дека во Брисел не се разгледува таква можност. Не се исклучува, сепак, компромисно решение, според кое на „Росселхозбанк“ би ѝ било овозможено да се приклучи на платежниот систем само за трансакции што се однесуваат на трговија со жита и со ѓубрива, изјавиле за Ројтерс анонимни извори запознаени со напорите.

Обединетите нации потврдија дека Гутереш во вторникот му испратил писмо на Путин со конкретни предлози.

– Целта е да се надминат препреките за финансиски трансакции преку руската земјоделска банка, за што Руската Федерација изрази загриженост, а во исто време да се дозволи континуиран проток на украински жита преку Црно Море – изјави претставник на ОН.

Во обид да се заобиколи блокадата до СВИФТ за руските банки, функционери од ОН побарале од американската банка „Џеј Пи Морган Чејс“ да почне да обработува некои трансакции на руски извоз на храна. Воспоставени се контакти и со Африканската увозно-извозна банка за да се создаде нова платформа преку која би се обработиле трансакциите за извозот на руско жито и ѓубриво до клиенти во Африка.

– Обединетите нации и Турција напорно работат за изнаоѓање решение што би било прифатливо за сите страни. Русија, за жал, ги опструира дискусиите и јавно порачува дека нема да се согласи со обновување на иницијативата – изјави за „Гардијан“ Ендрју Кларк од британското Министерство за надворешни работи.

Британската амбасадорка во ОН Барбара Вудворд укажува дека Русија веќе го нарушува договорот, оддолжувајќи ги контролите на украински бродови. За еден ден вообичаено низ руските контроли може да поминат и по 40 брода со украинско жито, но деновиве се прават по само десет, па дури и по две инспекции на ден.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот