Романот „Улис“ од Џејмс Џојс го слави стотиот роденден

Светот ја прославува стогодишнината од отпечатувањето на романот „Улис“ од ирскиот писател Џејмс Џојс. Овој роман, веќе со децении важи за еден од најголемите романи на ХХ век и едно од најважните дела напишани во историјата.

На 2 февруари 1922 година, Силвија Бич, сопственичката на париската книжарница „Шекспир и компани“, за првпат во целост го објавила романот „Улис“. Џојс го пишувал романот седум години додека живеел во Трст, Цирих и Париз и долго време се мачел да го објави своето животно дело, сè додека тоа не се случило, симболично, на неговиот четириесетти роденден.

Долги години „Улис“ бил сметан за контроверзен роман, забранет за печат во многу земји, па оние што сакале да го читаат морале да го набавуваат на нелегални начини. Сепак, со текот на времето човештвото ја увидело неговата големина и брилијантност и денес „Улис“ со право се смета за ремек-дело на дваесеттиот век.

Силвија Бич и Џејмс Џојс во париската книжарница (1922)

Низ светот до денес „Улис“ е преведен на повеќе од 40 јазици. На македонски, „Улис“ првпат се отпечати во 1977 година во превод на Свето Серафимовски, а потоа во неговата интегрална форма и со неопходните анотации романот излезе во 2013 година, во новиот превод на Марија Гиревска, во издание на издавачката куќа „Полица“. Оттогаш „Улис“ доживеа три изданија: 2013, 2017, 2019 година. Гиревска најавува дека по повод роденденот на „Улис“, годинава подготвува ново издание на романот на македонски јазик.

По повод стогодишнината, повеќе од стотина писатели, уметници и музичари, меѓу кои и Маргарет Атвуд и Салман Ружди, од 2 февруари до 16 јуни (денот познат како Блумсдеј) здружено ќе го читаат „Улис“. Подкастот ќе може да се следи преку сајтот на легендарната книжарница „Шекспир и компани“, посочува Гиревска.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот