„Рипнаа“ тарифите за мигрантите кои транзитираат низ Македонија, покажува кварталниот извештај на ИОМ
Во периодот од 1 април до 30 јуни годинава Меѓународната организација за миграции (ИОМ) анкетираше 270 мигранти сместени во Прифатните транзитни центри Винојуг и Табановце.
-Главните националности кои транзитираа низ Северна Македонија во вториот квартал од 2024 година беа сириските државјани, што претставува 43 отсто од испитуваната група, по што следат мароканските државјани со 17 отсто и државјаните на Египет со 7 отсто од примерокот. Државјаните на Пакистан и Турција сочинуваа по шест отсто од примерокот. Повеќето мигранти во движењето се самохрани мажи кои се надеваат и имаат за цел обединување на семејството на посакуваната дестинација. Во овој примерок, 94 отсто биле мажи, а 77 отсто од испитаниците биле слободни. Две третини (66%) од мигрантите кои минуваат низ Северна Македонија се на возраст од 18 до 29 години, стои во кварталниот извештај на ИОМ објавен денеска.
Повеќето мигранти (96%) влегле во Северна Македонија од Грција, а 58 отсто изјавиле дека им било олеснето при преминувањето на границата, со просечна цена од 1.600 евра по влез.
– Во вториот квартал од годинава, стапките на олеснување се намалија за 16 отсто, а цената на граничниот премин се зголеми за 400 евра. За време на интервјуата, 75 отсто од испитаниците изјавиле дека биле во земјата помалку од пет дена, протокот на мигранти кои транзитираат низ Северна Македонија е прилично брз. Во земјата, сите испитаници изјавиле дека пешачат, а 57 отсто се превезувале и со приватни возила. Триесет отсто живееле во прифатните транзитни центри, што е намалување за 24 отсто во споредба со првиот квартал, а 8 отсто спиеле надвор или во напуштени згради, се нагласува во извештајот на ИОМ.
Истражувањата собрани во Република Србија покажуваат дека 89 отсто од испитаниците изјавиле дека не биле регистрирани кај властите додека транзитирале низ Северна Македонија.
Извештајот на ИОМ направен според интервјуата со мигрантите на македонска територија сместени во прифатните центри, покажува дека тие можеле да издржат значителен стрес и тешкотии, а нагласиле и неколку ризици со кои се соочиле во текот на патувањето кон посакуваните европски дестинации, транзитирајќи низ Македонија. Кога се нашле на македонска територија главно имале потреба од храна, вода, медицинска помош како и перални заради одржување на хигиената.
– Во вториот квартал имале потреба од храна, вода и зголемени капацитети за перење главно поради порастот на екстремните температури што придонесува до дехидрација и разни хигенски проблеми. Од друга страна поради потоплото време, се намали потребата за засолниште, што им овозможува побрзо транзитирање низ државата и избегнување на властите – стои во извештајот.
Мигрантите како топ пет европски дестинации кон кои се упатуваат, ги наброиле Германија, Италија, Франција, Грција и Холандија. Според извештајот овие земји ги избираат врз основа на привлечните социо-економски услови што ги нуди земјата, како и поврзување со семејството, пријателите и сограѓаните кои споделуваат иста култура, јазик и религија. Процедурите за азил и безбедноста се исто така многу важни фактори за мигрантите.