Решение до Нова година или без решение со години

epa06120817 Bulgarian Prime Minister Boyko Borissov (L) pays respect after laying the wreath at the grave of Macedonian revolutionary Goce Delcev in the garden of Orthodox church St. Spas in Skopje, The former Yugoslav Republic of Macedonia, 02 August 2017. Bulgarian Prime Minister Boyko Borissov arrived for a two-days official visit to Macedonia, in order to sign the long anticipated good-neighborliness agreement between both Balkan countries. EPA/GEORGI LICOVSKI

Ако не се најде решение за бугарските позиции кон Македонија до крајот на оваа година за време на германското претседателство со ЕУ, потоа потешко ќе се надмине проблемот кој може да остане со години, предупредуваат аналитичарите. Бугарската влада бара од Македонија да потпише анекс или нов договор, односно правни гаранции за своите барања за да го одобри усвојувањето на преговарачката рамка за членство во ЕУ, што македонската влада го одбива.

Додека траат средбите на работните групи, кои како што вели премиерот Зоран Заев, до последен момент ќе бараат решение, се нижат негативните реакции за непринципиелната бугарска позиција и расте притисокот кон Бугарија, но источниот сосед, како што вели нивниот вицепремиер Красимир Каракачанов, „покажува карактер и достоинство“.

Следен датум кога Советот на министри на ЕУ може да донесе одлука е 8 декември.

Владата нуди прст и си ја пази раката

Ставот на Владата е дека дава шанса на процесот и работи на усогласување на ставовите според јасно утврдените национални позиции и стратешките евроинтеграциски цели, а за македонскиот национален идентитет е невозможно да се преговара. Анекс на Договорот за добрососедство нема да има бидејќи актуелниот договор е одлична рамка за решавање на сите отворени прашања, а прашањето за јазикот е неприфатливо да се реши преку фуснота.

– ЕУ го признава македонскиот јазик, го користи при преводи и во исто време една членка, Бугарија, има задршки. Имаат право на своја позиција и Советот на ЕУ тоа може да го земе предвид, но не може да биде став на ЕУ – вели владиниот портпарол Душко Арсовски.

Премиерот Заев вели дека мнозинството од бугарскиот народ е против блокадата на Македонија на патот кон ЕУ, исто како и премиерот Бојко Борисов, а проблемот е во неговите коалициски партнери. Заев повтори дека Македонија нема претензии кон соседот.

– Јавно тврдам дека немаме ниту територијални, ниту малцински претензии, за да слушне тој и да му олесни на Борисов. Јавно тврдам дека Северна Македонија е исто што и Република Северна Македонија. Заедничката историја е реалност и постои и во неа се изнедриле Бугарите и Македонците, бугарскиот и македонскиот јазик. И во едни такви околности, треба тоа да го зграпчиме и да градиме пријателство и братство – вели Заев.

Каракачанов, пак, бара писмен документ или нов договор со Македонија.

– Треба да има писмен документ, јас на изјавите на скопските политичари и министри не верувам. Прво, јасно и категорично признание дека историјата на Македонија до 1944 година е дел од историјата, културата и јазикот на бугарскиот народ. Второ, нивните напори за создавање некаков посебен идентитет датираат по 1944 година. Трето, и покрај ова, на територијата на Македонија има луѓе кои и покрај државната политика, имаат бугарски чувства и го нарекуваат својот јазик бугарски. Може да е анекс, може да е меморандум или нов договор, како сакате наречете го, идејата е да биде потпишан, затоа што не им верувам на убавите изјави – рече вчера бугарскиот вицепремиер.

И бугарската министерка за надворешни работи Екатерина Захариева потврди дека без правни гаранции нема да дојде до промена на сегашната политика, а тие гаранции треба да дојдат и од Скопје и од ЕУ за процесот на преговори.

– И покрај сите наши манифестации на добрососедство, Скопје не ја смени суштината на својата политика кон Бугарија. Обврските кон нашата земја останаа само декларативни, а во суштина Скопје ја продолжи поддршката на неоснованите малцински, историски, јазични и други претензии. Имаме долга листа на примери во кои тие не се придржуваат до потпишаните билатерални документи – рече Захариева на собраниска говорница.

Нов децениски спор

На домашната сцена и натаму не стивнуваат реакциите на бугарското вето. Поранешниот претседател на Собранието, Тито Петковски, смета дека блокадата нема да заврши за скоро време.

– Спорот не почнува ниту ќе заврши овој период. Ова е четврти пораз на Бугарија. Никако не се прифати фактот дека Македонија се „роди“ како држава за време на Втората светска војна. Уште во 2005 година напишав дека ако Бугарија влезе пред Македонија во ЕУ, ние никогаш нема да влеземе. Дај Боже да грешам, да се случат некои чуда. Непријателското однесување е затоа што и по 107 години Бугарите се фрустрираат од фактот дека не успеаја да го убијат чувството на припадност на Македонија – рече Петковски за ТВ24.

Поранешниот министер за надворешни работи Денко Малески вели дека војните во поранешна Југославија и спорот со Грција покажале дека тешко се решаваат балканските спорови ако жариштата не се изгаснат со брза политичка акција.

– Нема причина за голем оптимизам и за најновиот спор со Бугарија. Напротив. Идентитетската тема е толку чувствителна и податлива за политичка манипулација од страна на партиите во двете држави, што ако заглавиме, ќе треба многу време да се одглавиме. Мораме да ги вложиме сите усилби, со поддршка од европските сојузници, за да излеземе од ќор-сокакот. Ако во следниот месец со помош на Германија не најдеме умно решение за почеток на преговорите со ЕУ, ризикуваме да заглавиме во децениски спор, кој ќе биде пострашен од тој со Грција – оценува Малески за БИРН.

Сепак, тој не очекува решение за триесет дена и затоа смета дека е најдобро спорните прашања да се решаваат паралелно со преговорите за членство, како што сугерираше бугарскиот претседател Румен Радев, кој предложи излезна опција да биде ново поглавје во преговарачката рамка со ЕУ, посветено исклучиво на македонско-бугарските односи.

ЕП: Преговорите да почнат веднаш

Европскиот парламент бара без одлагање да се донесе одлука за почеток на преговорите на Македонија за членство во ЕУ.

– Неуспехот на министрите за европски прашања да ја одобрат преговарачката рамка го загрозува кредибилитетот на ЕУ во Западниот Балкан – велат европратениците Илхан Ќучук, известувачот за Македонија, и Андреас Шнајдер, претседател на делегацијата на ЕП за Македонија во заедничко соопштение.

ЕП смета дека ветото на Бугарија го става во опасност целото регионално помирување.

– Го признаваме напредокот на Скопје во темелните демократски и економски реформи и ги повикуваме сите страни да продолжат со конструктивен дијалог заснован на добрососедски односи и имплементацијата на Договорот за пријателство, во согласност со предвидлив, објективен пристапен процес за ЕУ заснован на заслуги. Првата меѓувладина конференција треба да се одржи до крајот на оваа година, за да се покаже дека тој дијалог носи резултат – порачува ЕП.

ЕУ да го промени одлучувањето со консензус

Не може да се развиваат добрососедските односи со примена на вето како ексклузивно право на членка на ЕУ кон земјите кандидати, реагираат од Советот на амбасадори.

– Со овој непримерен чин, Бугарија не се претстави пред светот како европски ориентирана земја која ги почитува и применува европските вредности и стандарди на самоопределување, човекови права, демократија и јазични и културни вредности и различности. Ако се пропушти можноста за соодветно решение до Самитот на ЕУ, во рамките на неодамнешните реформи на процесот на проширување на ЕУ, ќе биде испуштена можноста за корекција на принципот на општ консензус при донесување на одлуките со посовремен и поефикасен начин на одлучување – порачува Советот на амбасадори.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот