Рекламирањето на приватните болници во јавното здравство со амин на Министерството за здравство

Рекламирањето на приватни болници во скопските поликлиники е со дозвола на Министерството за здравство, објаснува директорот на Здравствен дом „Скопје“, откако пациенти реагираа дека е необично што во јавните здравствени установи се истакнуваат реклами на приватни.

„Фирмата Б1 МЕДИА ДОО – Скопје има закупено ѕиден простор за рекламирање, преку специјализирани рекламни панели, а согласно Договор составен од Министерството за здравство и позитивните законски прописи во нашата држава. Бидејќи станува збор за јавен оглас, тоа значи целосно отворена и транспарентна постапка, а не деловна тајна“, се вели во одговорот на Здравствениот дом.

Според Договорот, за користење на закупениот простор, закупецот плаќа месечна закупнина по квадратура, во износ од 70 денари без ДДВ, односно 82,6 денари со вклучен ДДВ, на здравствена трезорска сметка.

„Тоа значи целосна транспарентност и на приливот на средства по овој основ, за институциите и граѓаните. Исто така, како што предвидува Договорот, овие средства се користат исклучиво со намена за тековно и инвестициско одржување на објекти“, објаснуваат од оваа институција.

Оттаму додаваат дека на панелите поставени во објекти на Здравствен дом Скопје има реклами и за болници кои не се дел од јавното здравство, но со коишто Фондот за здравство има склучено договори за соработка, во интерес на граѓаните, како и реклами за услуги што граѓаните не можат да ги добијат во здравствениот дом.

„Веќе години наназад оваа материја е уредена на ваков начин, и што е важно, парите од тие закупи на простор одат во јавен интерес, за одржување на јавните здравствени објекти во коишто се лекуваат граѓаните. Дали може да има подобрување на овој Договор – праксата покажува дека се може подобро, а во конкретниов случај, треба да се види што би било тоа. Министерството за здравство, како што посочивме, ги подготвува договорите, но нашиот став е дека сечие мислење и иницијатива е важна и во таа насока охрабруваме, секој којшто има предлог, да го достави до надлежност орган, и до нас како установа исто така, и ќе биде со внимание разгледан“, појаснуваат за „Слободен печат“ од Здравствениот дом.

Во Министерството за здравство прашавме дали е точно дека договорите за закуп ги изработуваат тие и дали според нив е во ред тоа што приватни болници се рекламираат во јавни здравствени установи, но одговор не добивме.

САМО КАЈ НАС: Приватна болница се рекламира во амбулантите на Здравствен дом „Скопје“

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот