Разрешувањето на Коцевски на дневен ред по изборите
Постапката за разрешување на државниот јавен обвинител не е запрена, може да продолжи, со тоа што Владата ќе достави до Собранието предлог за разрешување на Коцевски. Нема законски рокови во кои Владата треба да го достави предлогот, вели висок функционер на ВМРО-ДПМНЕ за „Слободен печат“
Разрешување на државниот јавен обвинител Љупчо Коцевски и новиот закон за Судскиот совет се први на агендата на премиерот Христијан Мицкоски по локалните избори, брифира за „Слободен печат“ висок функционер на ВМРО-ДПМНЕ. Како што вели тој, Мицкоски веќе нема трпение за смената на Коцевски, со што ќе почне и долгонајавуваното ресетирање на правосудството, една од главните теми во предизборната кампања. Мицкоски не открива дали реформите во правосудниот систем ќе почнат со сменaта на Коцевски и најави детали по изборите.
Препорачано
– Постапката за разрешување на државниот јавен обвинител не е запрена. Постапката може да продолжи, со тоа што Владата ќе достави до Собранието предлог за разрешување на Коцевски. Нема законски рокови во кои Владата треба да го достави предлогот – вели функционерот за „Слободен печат“.
Во февруари годинава, Владата го задолжи Министерството за правда да почне постапка за разрешување на државниот обвинител, но по кочанската трагедија, Мицкоски постапката ја стави во мирување. Владата е разочарана од неговите постапки, кои биле надвор од неговите надлежности и од законот, но се нагласува и незадоволството на граѓаните од нефункционирањето на системот и на правната држава, како довербата во правосудството од 2 отсто. За актуелната власт не е проблем да се обезбедат гласовите на 61 пратеник, колку што се потребни за разрешување на обвинителот Коцевски.
– На Македонија повеќе од сè досега, ѝ треба ресет на системот и не само во судството и во Обвинителството, туку ресет и во секоја пора од општеството. Моментот што го чекале генерации е пред нас, време за ресет на системот, време да ги скршиме синџирите на неправдата и да изградиме држава на правда, слобода и грижа за секого. Судството мора да биде непристрасно и непокорливо, судии што судат според законот, а не според влијанија, институции што штитат, а не кои молчат, процедури што враќаат доверба, а не кои создаваат сомнеж. Правдата не смее да биде привилегија на малкумина, туку право на секој граѓанин – брза, достапна и ефективна – порача Мицкоски од предизборен митинг.
Според премиерот, овој ресет не е реванш, туку вразумување, чесноста да биде мерило, отчетноста – правило, а слободата и правдата повторно да станат неприкосновени вредности. Премиерот и на неодамнешниот брифинг со новинарите и од митинзите постојано порачуваше дека со доверба во правосудството од 2 отсто, дел судии и обвинители не ја заслужуваат платата, а не, пак, како што се бара со реформските закони, зголемување на платите.
– Станува збор за шест закони каде што суштината е зголемување на буџетот, кој директно ќе имплицира зголемување на платите на судиите и на обвинителите, кои имаат рејтинг од 2 отсто. Се бара зголемување на 0,8 отсто од БДП за судиите, а за обвинителите 0,5 отсто од БДП. Секогаш чувствувам некаква мачнина, бидејќи тие и овие плати, сега што ги земаат, не ги заслужуваат, имајќи ги предвид ваквите судски одлуки – рече неодамна Мицкоски.
Од пакетот реформски закони прв е новиот закон за Судски совет, кој според информациите, веќе е во владина процедура. Сепак и со новиот закон власта не може да ги разреши членовите на Судскиот совет и ќе треба да почека да им заврши мандатот. Новиот закон за Судскиот совет го чека и претседателката на државата за да предложи нов член на местото на Миљазим Мустафа, на кого веќе му истече мандатот. Собранието им изгласа недоверба и на обвинителот Коцевски и на петте члена на Судскиот совет избрани од Парламентот, но ни Коцевски ни членовите на СС не си поднесоа оставки. Следни на кои им истекува мандатот како членови на Судскиот совет се Селим Адеми и Весна Дамева кои на функција се до декември годинава, а по нив следната година во февруари мандатот му истекува и на Ханиф Зендели, а во 2026 година мандатот ѝ истекува и на Павлина Црвенковска.


