Разочараните, неопределените и улогата на СДСМ

Фото: Ерол Шаќири

Мислам дека СДСМ троши премногу енергија со постојаното повторување и нагласување на катастрофата што би наследила од потенцијалното враќање на ВМРО на власт од едноставна причина, тоа на сите им е јасно, мислам на мнозинството граѓани исклучувајќи ги оние 300 илјади вмровци. Наместо тоа, би требало да се концентрира на оние граѓани кои тоа го знаат, а сепак размислуваат да не излезат на гласање разочарани од некои делувања или неделувања на СДСМ, не заборавајќи ја базата секако. Ступидноста на ваквата нивна потенцијална одлука треба да се побие, не со аргументи против ВМРО, туку со аргументи за себе. Секаква споредба со ВМРО треба да се отфрли зашто со злото не се прави споредба. ВМРО никогаш нема да биде казнетa од нејзиното членство без разлика колку катастрофални, антидржавни и антиопштествени политики води, а СДСМ секогаш бил и секогаш ќе биде. Причината е едноставна.

Мнозинството од гласачите во државава од ВМРО не очекуваат буквално ништо, а од СДСМ буквално се. Ова е можеби една незавидна позиција во која се наоѓа СДСМ, неблагодарна во секој случај, но само по нивна вина, затоа што сеуште не ја препознаваат оваа политичка реалност и нивната улога па наместо да ја искористат како двигател за подобрување на себе и општеството тие знаат често се лутат на отворените неретко и неправедни критики кон нив. Од СДСМ се очекува да ги исполни изборните ветувања, да ги консолидира институциите, да ја брани демократијата, да ги релаксира меѓуетничките односи, да ги задржи младите, да го прочисти воздухот, да не внесе во Европа, не од ВМРО, од нив не се очекува ништо.

Мнозинството го препознаваат антидржавниот елемент во ВМРО и СДСМ треба да знае тоа да го искористи. СДСМ губи сто пати повеќе од еден корупциски скандал, од еден криминал, оtколку што може да добие со разоткривање на илјада криминали и корупциски скандали на ВМРО. СДСМ губи многу повеќе со неисполнување на едно предизборно ветување оtколку набројување на 100 неисполнети ветувања на ВМРО. СДСМ со една популистичка мерка губи повеќе од овие таканаречени „неопределени“ гласачи во однос на придобиени гласачи кои се директни консумери на мерката. Логиката е едноставна, кога тоа го прави ВМРО тоа е нормално и очекувано, кога го прави СДСМ тоа е одвратно. Затоа што СДСМ треба да претставува се она што не е ВМРО, тоа од нив се бара, тоа од нив се очекува. Оваа улога треба да се препознае и да се прифати, не како предизвик, туку како мото, како лајтмотив кој ќе ги тера да работат повеќе, многу повеќе, посебно на внатрешен реформски план. Критиките секогаш треба да се сфатат сериозно, дури и да се тие бесмислени во дадениот момент. Повторно ќе повторам, од ВМРО ништо не се очекува во смисол на подобрување на позицијата на граѓаните и државата воопшто, од СДСМ се.

КОИ СЕ „НЕОПРЕДЕЛЕНИТЕ“ И РАЗОЧАРАНИТЕ?

Ако внимателно се анализираат бројките од резултатите на сите досегашни парламентарни избори може да се заклучи дека 90 одсто од „неопределените“ гласачи или пак апстинентите поради разочараност се гласови кои тежнеат кон СДСМ. Овие гласачи се идеолошки блиски до СДСМ, за ВМРО никогаш нема да гласаат, а во моментите кога се разочарани од СДСМ, или гласаат за друга опција блиска до идеологијата на СДСМ или воопшто не гласаат доколку таква опција не постои. Значи кај нас разликата е дека „неопределените“ се всушност определени, нивната определба е НЕ за ВМРО, а единствената нивна неопределба е дали да гласаат или не. Нивната одлука не зависи од тоа што нуди ВМРО, туку од што прави или не прави СДСМ.

Причините за нивната разочараност секогаш произлегуваат од политиките на СДСМ, односно подобро кажано, нивната разочараност се мери или зависи од политиките на СДСМ, а никогаш од политиките на ВМРО, затоа што, како што споменав, од ВМРО немаат никакви позитивни очекувања. Не можеш да се разочараш во политички субјект дека не направил ништо добро за државата и граѓаните ако тоа воопшто не си го ни очекувал од нив, во исто време не можеш да бидеш изненаден од лошите политики на тој политички субјект кога баш тоа и си го очекувал од нив.

На спротивната страна, евидентно е тоа што вмровскиот гласач на гласањето гледа како на обврска спрема партијата, а не спрема општеството и државата, односно како на граѓанска обврска. Вмровскиот глас не флуктуира и не апстинира, без разлика на политиките на нивната партија. Тој е дисциплиниран гласач кој секогаш гласа или не гласа во зависност како е наредено од партијата. ВМРО никогаш нема да биде казнет од вмровските гласачи без разлика на тоа колку катастрофални политики спроведуваат, тоа е всушност најголемата причина што ВМРО не може да се реформира, нешто што е посакувано и добро за државата. Замислете тоа што го чувме во „бомбите“ да се однесуваше на СДСМ, на наредните избори за СДСМ ќе гласаа само Заев и жена му и тоа Заев ќе гласаше во сабота, знаете зошто.

Оваа теза низ бројки ќе биде образложена во наредната колумна, за сега само ќе споменам два примери. На изборите во 1998 година, за СДСМ гласаат 280 илјади, за ВМРО 312 илјади, а „неопределените“ односно разочараните од СДСМ гласаат за Демократска Алтернатива на Тупурковски и му даваат 120 илјади гласови. ВМРО и ДА направија коалиција во вториот круг и СДСМ ги изгуби изборите. На изборите во 2006 година СДСМ добива 220 илјади, отцепената од СДСМ партија НСДП на Петковски добива 57 илјади и (ДОМ, ПЕО, ПЕИ, Земјоделска, ДА) вкупно 66 илјади, ВМРО повторно 300 илјади и прави влада со отцепените.

ПРАВОТО НА ГЛАС И ПРАВОТО НА АПСТИНЕНЦИЈА ОД ГЛАСАЊЕ

Едно од фундаменталните човекови права е правото на глас на сите граѓани без разлика на нивната припадност и социјален статус запечатено и со членот 21 од Универзалната Декларација за Човекови Права од 1948 година. Во исто време, гласањето треба да се сфати и како граѓанска обврска, како обврска спрема општеството и државата, затоа што токму оваа алатка е тоа што го движи и формира демократското општество и дава легитимитет дали на изборите (парламентарни, претседателски, локални) или пак референдуми на национално или локално ниво. Според една романтичарската теорија, гласањето е акт на алтруизам (правење напор и одвојување на сопствено време за придонес на општеството, колективното добро без гаранција за лична корист). Апстиненцијата, од друга страна, е исто така право на поединецот, сепак правото на апстиненција од гласање не треба да се институционализира, не треба да се разгледува како посебно човеково право затоа што тоа извира директно од правото на глас. Поединецот би го немал правото на избор дали да излезе на гласање или не доколку правото на глас не е загарантирано. За среќа, кај нас, правото на глас е загарантирано и никој не може да ни го одземе освен самите ние, со одлука да не излеземе на гласање.

ПОЛИТИЧКАТА ПОРАКА Е ПОЗНАТА, НО КОЈ Е ЕФЕКТОТ ОД АПСТИНЕНЦИЈАТА? 

Политичката порака на апстинентите е јасна, разочараноста во политиките и политичките субјекти воопшто, пред се од СДСМ затоа што, како што споменав, оваа група граѓани се идеолошки блиски ним и пораката е на нив упатена, додека вмровците како што рековме не апстинираат ако така не им е наредено. Но, кој е ефектот од апстиненција?

Еве еден фамозен коментар кој го украдов од социјалните мрежи: „Ние нема да излеземе да гласаме зашто сме разочарани и затоа ВМРО ќе победи, а после нека ни е Господ напомош“. И каде е тука логиката? Епа логика нема. Разочарани од СДСМ во дел од нивните политики (внатрешен план), ќе го казнат со тоа што нема да гласаат и ќе ги донесат тие што сигурно знаат дека нема да ги решат нивните проблеми, напротив, дури и ќе ги влошат? Сите се исти? Преку глава ви е од бирање на „помалото зло“? Ако се сите исти, зашто не се повикува Господ напомош сега кога СДСМ е на власт, а ќе се повика кога ВМРО би дошло? Кога веќе се повикува Господ, тој вели вака: „Чувај се, да те чувам“. Во буквален превод значи „сум ти дал памет во главата, само треба да го искористиш, ако го искористиш нема да има потреба да ме викаш“.

Политиката во принцип е зло, нужно зло, но некој треба да владее нели. Апстиненцијата според теоријата на разочараност и „сите се исти“ нема логика и нема буквално никаков ефект, затоа што излегле на гласање или не, некој од тие „сите се исти“ сепак ќе победи, останува само да се види дали треба да се повика Господ напомош.

Граѓански активизам наместо политички мазохизам. Тоа е одговорот. Искажување на незадоволство, па и мирни граѓански протести ако треба, со цел да се направи притисок за побрзо и поефикасно решавање на проблемите што не засегаат (загадениот воздух на пример) упатени кон оние што може да ги променат работите, кои сепак слушаат, за разлика од оние другите.

Така што, граѓански активизам сега, а на 12 април личните карти в џеб и на гласање.

 

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот