Разговор со Сара Миленковска: Не го гледам феминизмот одделно од социјалната правда

Храброста и борбеноста се бескопромисна работа. Ако треба да се опише младата активистка Сара Миленковска, што друго да се рече, ако не – храбра и борбена. И бескомпромисна и многу солидарна кога е во прашање женскиот активизам. И кој сега може да не ја засака нашата Сара?

Толку ме бендиса нејзината кратка биографија, или ако сакате, опис на себеси, на страницата Медуза.мк, што еве, буквално ви пренесувам која е нашата соговорничка Сара Миленковска: Феминистка, модел, политиколог и сите контрасти кои им се противат на општествените норми и идеи за нејзината слобода. Цветна медуза, растргана на премногу страни зашто сака сè да постигне, да промени, да подобри. Израсната со поезија и театар, па ги користи како алатки за менување на реалноста. Најзначајна ѝ е индивидуалната потреба за еманципација на жените и креирање на родово еднаква заедница. Сака да танцува и/или плаче во јавност.

Ете, така со Сара си затанцувавме на различни женски теми. Без да се расплачеме заедно. Фала за танцот, Сара!

Патријархалната идеја за идеално семејство има создадено немилосрден однос кон секој чие семејство излегува од таа рамка.

На кој начин граѓанската организација Стела – менторска мрежа, ги поврзува жените и какви менторства нуди?

– Преку нашиот веб-сајт Стела.мк (stella.mk), секој може да се пријави да биде менторка или менторирана. Менторка може да биде секоја жена или девојка која сака да го сподели своето искуство, знаење и поддршка. Наша задача е да ги поврземе менторираните со менторките, па потоа тие самите ја одредуваат динамиката, времетраењето и заедно поставуваат цели, кои ги исполнуваат низ менторството. Менторствата се од секаков вид, на некоја жена или девојка некогаш ѝ е потребна поддршка да спреми апликација за магистерски студии или за работа. Додека друга менторирана има потреба од развивање на лични вештини, како лидерство, организираност, менаџирање со време и слично. Сакам да ги охрабрам сите девојки и жени да ни се обратат доколку сметаат дека им е потребна поддршка во кое било поле, некогаш и нам ни треба помош за да откриеме каде може да се подобриме.

Според досегашното искуство, што најчесто бараат жените во однос на менторството?

– Досегашното искуство ни покажува дека најмногу бараат поддршка во развивање или почнување на своја бизнис идеја или академски развој. Донесувањето на правилниот избор што да студираат или на кои магистерски студии да се запишат знае да биде доста стресен период и секогаш не ги имаат сите достапни информации. Затоа е многу значајно што низ менторскиот процес успеваат да добијат насока за да размислат во каква позиција се наоѓаат, кои се нивните предности и кои се нивните идеи за иднината. Всушност, на сите ни недостига солидарност и верба во себе. Многу е охрабрувачки кога некоја менторирана отворено разговара со својата менторка, која ги споделува своите предизвици и тоа делува мотивирачки кон менторираните, бидејќи сè повеќе веруваат дека ја имаат способноста во себе за да ги надминат сите препреки.

Ја инициравте акцијата „сподели авторка“ со цел да се најде начин за споделување на феминистичка литература и да се приближи женското творештво до сите заинтересирани. Каков е интересот за читање на македонски авторки?

– Моето започнување на оваа инцијатива е пред сè еден дополнителен начин на кој сакав да ја поддржам Андријана, која ја менторирав. Низ самиот процес се соочив со прекрасна група луѓе кои на секаков начин нè поддржаа како Вљора, Матеј, Виктор, Ивана, Гала и Калиа. За самиот интерес за читање на македонски авторки не сум компетентна да зборувам, ама се надевам дека нашата иницијатива ќе ги запознае сите со женското авторство од Македонија и пошироко. „Сподели авторка“ има за цел да собере книги и ќе бидат донирани во градските библиотеки во помалите градови, да се подигне свеста за феминистичката литература и женското авторство и се мотивираме лично да одвоиме повеќе време за читање. Наскоро ќе го објавиме сајтот Споделиавторка.мк (spodeliavtorka.mk“), каде што сите ќе може да се информираат како да донираат, прочитаат, или да дадат сугестија кои книги да ги вклучиме. Убавината на менторскиот процес е што учиме едни од други двонасочно, на пример, девојката која ја менторирам, Александра, ми помага да го направам сајтот за оваа иницијатива. Добив многу поддршка и сум бескрајно благодарна, но сакам да изразам особена благодарност до професорката Елизабета Шелева и нејзиниот придонес за проширувањето на листата на книги.

Што подразбираш под терминот феминистичка литература и можеш ли да ни препорачаш неколку авторки, односно книги, кои не се за прескокнување?

– За мене, феминистичка литература не се само историски, научни или филозофски дела кои имаат за цел да ги истражуваат и документираат нееднаквостите помеѓу родовите, туку делата од сите медиуми – поезија, проза, театарски претстави – кои на посебен начин ја отсликуваат борбата на жената во поголемото општество. Се разбира, борбата за општествена, политичка и економска еднаквост се води веќе со векови, и литературниот и филозофскиот канон е богат од големи и значајни мислителки, писателки и поетеси. На пример „Убедувања“ од Џејн Остин, книгата што иако има среќен крај, секогаш остава некоја нота на тага кога ќе ја прочитам. Вирџинија Вулф, преку своите есеи, како „Нечија сопствена соба“, и романи како „Г-ѓа Даловеј“, ме научија дека феминизмот не само како склоп на идеи, туку и како нешто можам да го почувствувам длабоко во себе. Не можам и да го изоставам магнум опусот на Симон де Бовоар, „Вториот пол“ – книга што во два тома го претставува историскиот третман на жената. Оваа книга ми ги изгради концептуалните рамки преку кои работам и дејствувам денеска како академик и активистка. Понатаму, целата приказна на „Стакленото ѕвоно“ од Силвија Плат и настаните по публикацијата се исто така нешто што нема да го заборавам. А, од посовремените авторки би ја издвоила Зејди Смит („Бели заби“) и Неди Окорафор („Бинти“ серијалот), кои разгледуваат феминистички прашања преку призмата на расата во доминантно бели општества. Од домашните авторки би ја издвоила „Некој бил тука“ од Николина Шопова Андонова. И најважно, книгата поради која сè ова започна „За жените кои немаат куќа и три обични дена“ од мајка ми Сеида Бегановиќ.

Ни недостига солидарност меѓу нас жените. Пример за ова се одвратните коментари на девојки и жени упатени до жртвите од Јавна соба. На малку поголемо општествено ниво би ги издвоила медиумите – начинот на кои медиумите зборуваат за оваа тема го отсликува проблемот на нормализација на родовото базирано насилство, со што само физичкото насилство се гледа како легитимно и можеби понекогаш и казниво.

Израсната си со поезија и театар, што денес те врзува со овие две уметности?

– Поезијата на мајка ми Сеида ми разви однос кон реалноста, што ја прави реалноста поподнослива. Некогаш ѝ се лутам за идеализмот што ми го всадила, ама исто така верувам дека денеска не би се залагала за овие прашања доколку така не ме воспитала. И не постои момент кој не го користам за да ја искажам гордоста што ја чувствувам во врска со Хана Миленковска, сестра ми. Таа, како режисерка, неодамна имаше премиера на претставата „Што е силеџија“, која може да ја погледнете во Театарот за деца и младинци. Се занимава со едно клучно прашања, и за жал сè уште актуелно, како се станува силеџија, од каде започнува насилството и како да бидеме повеќе од неми сведоци.

Кои се најубавите совети што ги доби од своите родители?

– И двајцата на своевиден начин ме потсетувале да не оставам општеството да ја дефинира мојата вредност, особено ако тоа е општество кое треба да биде променето и унапредено. Храброста и борбеноста се бескопромисна работа.

Посветена си на креирањето на родово еднаква заедница, колку сме далеку од таа идеална заедница и што ни недостига за побрзо да ја достигнеме?

– Искрено, за ова прашање може да се напише есеј и што и да кажам ќе биде редукционистичко гледање на големите структурални проблеми, кои владеат во општеството. Почнувајќи од најниско ниво, нешто што сè повеќе го приметувам е дека ни недостига солидарност меѓу нас жените. Пример пар екселанс за ова се одвратните коментари на девојки и жени упатени до жртвите од Јавна соба. На малку поголемо општествено ниво би ги издвоила медиумите. Поточно, начинот на кој медиумите зборуваат за оваа тема го отсликува проблемот на нормализација на родовото базирано насилство, со што само физичкото насилство се гледа како легитимно и можеби понекогаш и казниво. Понатаму, на поголемото системско ниво е тоа што надлежните институции се или неспособни или незаинтересирани ефективно да дејствуваат за да се решат овие проблеми и искрено не знам кое е пострашно. Да појаснам, не мислам само на казнување на злоставувачите и насилниците, туку и на превенција, заштита и едукација уште од најмлади години. А, она што ни недостига е општество во кое ќе се вреднува повеќе човековиот живот отколку „статус-квото“ и профитот.

Не го гледам феминизмот одделно од социјална правда, еднаквото општество и борбата против капитализмот.

Во што ја гледаш социјалната стигматизација кај нас во однос на еднородителските семејства?

– Во нечовечноста и неприфаќањето на тоа што го доживуваат како „различно“, иако нема врска. Патријархалната идеја за идеално семејство има создадено немилосрден однос кон секој чие семејство излегува од таа рамка. На страна од социјалниот аспект, еднородителските семејства се соочуваат со сериозни системски, односно правни проблеми и потешкотии. Ние како заедница мораме да го промениме тој однос, и креираме услови за секој да се развива со истите еднакви можности.

Дали феминистичките иницијативи во нашата држава се борба против ветерници?

– Секоја борба за подобро утре е „борба со ветерници“, но тоа не значи дека не треба да се бориме. Сметам дека многу е направено на тоа поле, меѓутоа јас не го гледам феминизмот одделно од социјална правда, еднаквото општество и борбата против капитализмот. За жал, сметам дека премногу се зборува, односно се фокусира за начинот на кој се бориме за одредени нешта, наместо да сфатиме дека мораме заеднички да се вклучиме во градењето на еднакво општество. Забораваме на емпатијата и процесот на едукација, потребна  откако ќе ги однаучиме традиционалните еднонасочни размислувања, и ќе се отвориме кон реобмислување на сегашните родови улоги.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот