Растат профитите на Зара – во САД, Мексико и Саудиска Арабија нивните алишта се поскапи за 91 отсто!

Шпанскиот синџир за облека Индитекс во средата објави скок на профитот и приходите во првиот деловен квартал благодарение на повисоките цени на пазарите надвор од еврозоната. Во периодот од февруари до април, нето добивката на Индитекс се зголеми за 54 отсто, на 1,2 милијарди евра. Приходите се зголемени за 13 отсто, на 7,6 милијарди евра и покрај продажбата на профитабилниот руски бизнис и повисоките трошоци за работна сила. Кога ќе се исклучат промените на девизните курсеви, тој се зголеми за 15 проценти.
Во земји како САД, Мексико и Саудиска Арабија, некои алишта се и до 91 отсто поскапи отколку на домашниот пазар, објави Хина. Побарувачката во САД беше послаба поради влошената макро средина, но беше неутрализирана со подобрената продажба во јужна Европа благодарение на поволните временски услови.
Бруто-маржата изнесуваше рекордни 60,5 отсто во првиот деловен квартал, што покажува дека тие успеале да пренесат повисоки цени на клиентите и успешно го апсорбирале зголемувањето на платите на работниците во родната Шпанија за 20 отсто во просек.