Протестираа судските служби, генерален штрајк во септември

Протест на судска администрација, фото: МИА

Со транспаренти со натписи „Европски плати за нас и за вас“, судските административци денеска протестираат пред Основниот кривичен суд во Скопје и бараат повисоки плати. Најавија генерален штрајк од септември, со блокади на улиците.

Тие се револтирани од вчерашната одлука на Министерството за финансии да не ја одобри исплатата на додатоците на плата за јуни, која претходно им ја одобри Судскиот буџетски совет.

Истовремено со нив, денеска протестираше судската администрација и во судовите во Штип, Битола, Струга, Охрид, Тетово и Свети Николе.

Јасмина Величкова, претседателка на Независен синдикат на судска администрација, кој функционира во рамките на Независниот синдикат на државната администрација, рече дека повторно се собрале на протест во знак на револт и дека нивните протести ќе продолжат.

– Протестираме во знак на револт поради одлуката на министерот за финансии влера да не ја потпише одлуката на Судскит буџетски совет за исплата на додатоци на платата за 15 проценти, како и од незадволство од Министерството за финасии за нашите барања за покачување на платата од 30 проценти. Ние не се согласуваме со покачување на платата од 10 отсто што Владата и ССМ го договорија и не се согласуваме со К-15 во висина од 10.000 денари – рече Величкова.

Протест суд, Јасмина Величкова, фото: МИА

Таа рече дека е многу револтирачки што тие со нивната работа и со средства на судовите го полнат државниот буџет, а Министерството за финансии ја одби одлуката што ја донесе Судскит буџетски совет, за додаток од 15 проценти на платата. Величкова не го прифаќа објаснувањето на Министерството за финансии дека нема доволно пари и за илустрација наведе со колку пари судовите го полнат државниот буџет.

– Уделот на нашата работа во државниот буџет ќе ја илустрирам со бројка на само еден суд, Кривичниот суд. Од 1 јануари 2023 до денес за наплата на паушал се уплатени 13 милиони денари. За такси за уверенија за неосудуваност, за забрана за дејност на сметка на буџет се наплатени 9.420.000 денари, а во 2022 година на сметката на буџетот од уверенија се наплатени 16.232.000 денари. Со правосилни одлуки во 2022 година за парични казни во буџетот само од Кривилчен суд наплатени 82.597 милиони денари. Се двои од наши средства, за на крај да се доведеме во ситуација кога именуваните и избраните функционери добија 78 посто покачување на плата, а на нас, вработените во судската служба да ни се укинат сите додатоци – рече Величкова.

Таа потенцира дека сега е енормна разликата на платите во судството, односно односот на платата на судија со службеник е еден спрема пет, а на судија со стручен соработник е еден спрема три, како што рече, „како никогаш досега и никаде во развиениот свет“.

– Најавуваме генерален штрајк од 1 септември. Ќе блокираме улици и нема да може да се полни буџетот од наши средства, односно нема да се вадат уверенија за неосудуваност, ни апостили и за трето дете итн, па да видиме каде одат овие оари. Изиграни сме и многу сме разочарани, не ја знаеме причината зошто ова се случува и која е поентата на Минстерството за фиунансии – рече Величкова.

Според Рената Георгиевска, потпретседател на Здружението на судска администрација, реформите во судската власт треба да почнат од судската служба.

– Бараме самостојна судска власт. Реформите во судството треба да почнат од судската служба и затоа апелираме и бараме поддршка од Судскиот совет, Судскиот буџетски совет и од Здружението на судии да побараат и издејствуваат нов закон за судски буџет со кој судската власт ќе има самостоен буџет и нов закон за судска служба со кој статусот на службата ќе биде регулиран на начин кој одговара не нејзината должност, права и обврски – рече Георгиревска.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот