Продолжува расправата за Предлог буџетот за 2022

буџет
Седница на собраниската Комисија за финансирање и финансирање и буџет / 15 ноември 2021 / фото: ТВ24/принтскрин

Собраниската Комисија за финансирање и буџет денеска треба да ја продолжи  расправата за Предлог-буџетот за 2022 година.

Според опозициската ВМРО-ДПМНЕ, како што оценија вчера на првиот ден од расправата, Предлог буџетот е нереален и неразвоен со многу непродуктивни трошоци. Сметаат дека ќе следи ребаланс во првиот квартал и најавуваат интервенција на текстот со повеќе од 200 амандмани, меѓу кои пет против енергетската криза.

Од владејачката СДСМ апелираа на конструктивност и побараа буџетот да се донесе низ аргументирана дебата и без опструкции. Порачаа дека Буџетот е креиран врз основа на очекуваните економски придвижувања и има развојна компонента. Обезбедува,  посочија, редовна исплата на плати и пензии, го следи правилото на јавните финансии и значително ги крати непродуктивните трошења

-Наредната 2022 година ќе биде година на натамошно економско заздравување и забрзување на растот преку инвестиции кои во Предлог-буџетот се предвидени на историски највисоко ниво досега и се првпат поголеми од буџетскиот дефицит. Сепак, во услови на сѐ уште присутни ризици од пандемијата од Ковид 19, клучна ќе биде и грижата за заштита на здравјето и животите на населението. Неизоставен дел е и редовната исплата на плати, пензии и социјални надоместоци и поддршката на економијата, рече министерот за финансии Фатмир Бесими образложувајќи го Предлог-буџетот за 2022 година пред собраниската Комисија за финансирање и буџет.

Со Предлог-буџетот за 2022 година, вкупните приходи се планирани на 238,9 милијарди денари и се за 7,4 проценти повисоки од годинава. Вкупните расходи се планирани во износ од 272,4 милијарди денари, што е за 1,4 отсто повеќе oд 2021 година. Дефицитот се планира на ниво од 33,5 милијарди денари или 4,3 отсто од БДП и е понизок за 2,2 процентни поени во однос на проценетиот дефицит во 2021 година.Во Предлог-буџетот за 2022 година за капитални инвестиции се предвидени 37,8 милијарди денари, за околу 27 проценти повеќе во однос на 2021 година.

Според роковите, Комисијата за финансирање и буџет може да расправа за буџетот 10 дена, пет дена за општа и пет за амандманска расправа. За пленарна расправа, според Деловникот, одредени се пет дена. Буџетот треба да биде донесен до крајот на годината.

ВИДЕО | Петрушевска: Амандманите кои ги поднесува ВМРО-ДПМНЕ се во насока на рационално менаџирање на буџетот

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот