Претседателот ја губи поддршката за правната битка

Фото: EPA-EFE/Chris Kleponis / POOL

Изборниот штаб на американскиот претседател Доналд Трамп поднесе жалба против пресудата на судот, со која се одбива неговото барање за поништување на победата на демократскиот кандидат Џо Бајден на изборите во сојузната држава Пенсилванија.

Суд во Пенсилванија ја отфрли тужбата со која тимот на претседателската кампања на Доналд Трамп побара поништување на неколку милиони гласови добиени по пошта за претседателските избори одржани на 3 ноември.

Медиумите пренесуваат дека пресудата на судијата Метју Бран е „последна во низата удари врз Трамп, во неговите неуспешни напори да ги оспори резултатите од претседателските избори во ноември, кои ги загуби од новоизбраниот демократски претседател Џо Бајден“.

Во меѓувреме, поранешниот гувернер на Џу Џерси, Крис Кристи, го повика својот сопартиец од Републиканската партија, Доналд Трамп, да се откаже од напорите да го оспори изборниот пораз од Џо Бајден на претседателските избори во САД.

На телевизијата Еј-би-си, Кристи го нарече правниот тим на Трамп „национален срам“, објаснувајќи дека тие често зборувале за изборни измами надвор од судницата, но не коментирале ништо за тоа кога ќе влезеле во судницата.

– Бев приврзаник на претседателот, гласав за него двапати. Меѓутоа, изборите имаат последици и не можеме да продолжиме да се однесуваме како нешто да не се случило – изјави тој.

Кристи беше првиот гувернер кој во 2016 година го поддржа Трамп, а исто така му помагаше во подготвувањето на дебатата со демократскиот кандидат Џо Бајден.

Многу републиканци, како што се наведува, наводно го поддржуваат Трамп во неговите тврдења за изборна измама, но и голем дел не се согласуваат со неговите постапки по прогласувањето на изборните резултати.

Блинкен е идниот Државен секретар

Проектираниот претседател на САД Џо Бајден го избра својот долгогодишен соработник Ентони Блинкен за иден Државен секретар на Стејт департментот, а се очекува да го назначи Џек Саливан за советник за национална безбедност.

Ентони Блинкен (лево)/Фото: EPA-EFE/J. J. GUILLEN

Бликен (58) ја започна својата кариера во Стејт департментот за време на администрацијата на претседателот Бил Клинтон, а за време на администрацијата на Обама беше на функцијата заменик-државен секретар.

Џек Саливан (43), кандидат за позиција советник за национална безбедност на новоизбраниот претседател на САД, исто така е искусен, долгогодишен соработник на Бајден за прашања од националната безбедност, кој во времето кога Хилари Клинтон беше шеф на Стејт департментот ја извршуваше функцијата шеф на одделот за стратешки прашања и планирање.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот