Премалку се чешмички по улиците за да ја згаснат жедта на скопјани

Фото: Елена Вељановска

Најмногу чешмички недостасуваат во должина на пешачките патеки, но и во близина на детските игралишта, кои важат за главни сврталишта на децата во лето кога се на распуст, а места за пиење на вода недостасуваат и во должина на патеките за спорт и рекреација на кејот на реката Вардар.

На територијата на Скопје се поставени вкупно 240 јавни чешмички. За жал, многубројните сведочења на скопјани дека не можат да се разладат додека пешачат, спортуваат, возат велосипед или тротинет по скопските сообраќајници, низ парковите и низ детските игралишта, покажуваат дека ваквата бројка ниту оддалеку не ги задоволува реалните потреби на терен.

Па, така, речиси секое лето, и тоа со години наназад, скопјани се жалат дека нема доволно чешмички за пиење вода во главниот град. Најголем проблем се јавува во централното градско подрачје каде што фреквенцијата на пешаци е најголема, но ваков проблем има и во другите скопски општини. Најмногу чешмички недостасуваат во должина на пешачките патеки, но и во близина на детските игралишта, кои важат за главни сврталишта на децата во лето кога се на распуст, а места за пиење вода недостасуваат и на патеките за спорт и рекреација на кејот на реката Вардар.

Сепак, иако граѓаните се жалат дека има малку поставени чешмички за разладување и за пиење вода додека траат горештините во Скопје, на терен можат да се забележат и чешмички што се оштетени од несовесни граѓани. Овие вандали многу често ги кршат чешмичките, ги чкртаат со најразлични спрејови или наоѓаат други начини не само да направат материјална штета туку и да им ја одземат можноста за да се напијат вода и да се освежат сите граѓани кои поминуваат оттаму.

Трет проблем кој се појавува а е поврзан со чешмичките е неконтролираното излевање на пивка вода од некои од нив. Имено, како последица на најразлични оштетувања многу често на терен може да се забележи како тече вода од некоја оштетена чешмичка притоа одлевајќи се на тој начин огромни количества на пивка вода, која секаде во светот е исклучително драгоцена.

– Во околината на Град Скопје има околу 240 чешмички за пиење вода. Поставување нови чешмички за вода е надлежност на општините и Градот. Нема посебна локација каде најмногу се оштетуваат чешмичките за пиење вода, а нивото одржување е на Градот и на општините, а некогаш и наша обврска доколку е така договорено со Градот и општините – велат од ЈП „Водовод и канализација“.

Од ова јавно претпријатие велат дека истекувањето на поголеми количини на вода од оштетените чешмички сепак може да се спречи.

– Истекување на непотребно големи количини кај неисправни чешмички се спречува со планско инвестирање во чешмички каде што може да се регулира истекот на вода – велат од ЈП „Водовод и канализација“.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот