Преку Ла Манш до Англискиот канал

Ги гледавме во „Лидл“. Имаше и кануа, за двајца со едно весло со две перки и од оние другите, елипсовидните, за четворица, со две весла. Не беа премногу скапи. Ги сликав па ѝ пратив слика на сестра ми, со прашање – „да купувам?“, зашто го планиравме одморот летово заедно, на море, а таа нешто, демек, ќе веслала (не е баш по пливањето), па кога ги видов, сонце ме огреа – занимација за цело семејство! И за малку ќе го купевме, и кануто и чамецот, да не беше мојата темелност  (и искуство, џанам, искуство) и да не погледнев кај упатството и ситните букви каде што беше наведена – носивоста. Излезе дека кога ја собравме моменталната семејна килажа во јануари 2020 година, во кануто ќе можеше да весла само сестра ми и половина од зет ми. Или само таа со три четвртини од мене, ако подослабам малку по божиќните и новогодишните претерувања. Или зет ми да се шири сам во чамецот, а маж ми да весла во кануто испружен, со оглед на неговата должина. Или во чамецот сестра ми и јас а мажите надвор да кружат околу како ајкули. Ама сите фамилијарно, никако во ниту едно пловило на надувување, зашто ќе потоневме уште тука, во плиткото. Потоа дојде короната и одложениот летен одмор на море, па се одложи и потрагата по пловила кои ќе нė издржеа…

Е токму тие таквите лидловски, меѓу другите, ги видов во големото складиште пред пристаништето Довер, од каде што се подготвувавме да тргнеме преку каналот познат како Ла Манш или Англискиот канал, познат тука, за да излеземе малку од изолацијата и од земјата, по долго размислување и одложување и со сите протоколи и мерки на претпазливост. Купови чамци и чамчиња, со кои стотици бегалци само ова лето се обидоа да го поминат каналот и од Франција да стигнат до Обединетото Кралство на Велика Британија и Северна Ирска. Со акцент на плажите, односно на белите стени кај Довер, зашто таму растојанието меѓу двете држави е најмало, што знаат и би можеле да го потврдат и оние кои го имаат препливано. Меѓу кои и наши луѓе, од Атина Бојаџи и Нико Нестор до Томи Стефановски, кого Зоран го следеше со чамец, па му се слоши, не на Томи, туку на Зоран, зашто имаше бранови и чамецот многу лулаше, ама сė заврши со хепиенд и стигнаа двајцата исцрпени, едниот мокар од вода, другиот од пот. Не знам кој беше посреќен, дали Томи или Зоран, кога од Франција стигнаа до Англија, зашто се препливува така, а не обратно, ама мислам дека Томи сепак беше за нијанса посреќен од Зоран кога стапнаа на цврста почва…

Најпрометниот канал

Ла Манш е долг 563 километри, широк 240 километри и е најпрометен канал на светот, а  Доверскиот проток од ртот Гри Не во Франција до Довер во Англија има само 34 километри. Кога е убаво  времето, а такво беше кога ние го преминувавме, можат да се видат и двете страни. И така беше. Маскосани, дезинфицирани, со кафе и грицки и пржени лепчиња од дома, како секој нормален Македонец,  со истенчени раце од средствата за дезинфекција кои ги користиме на секој можен чекор како секој исполнителен граѓанин, нормално и на бродот, излеговме на палубата да видиме што има, што нема, и имаше Франција на едната страна и Англија на другата и мало жолто чамче на средина, таму некаде во далечината, во Ла Манш или во Англискиот канал, мало чамче, претпоставувам, полно со луѓе. Не знам која марка беше оти беше далеку, ама беше осамено. Статистиката, ах таа, безмилосна статистика, вели дека само викендов кога ние одевме натаму, наваму поминале околу двесте луѓе. Кога ќе дојдат, ќе побараат азил од нашата втора татковина, каде што ние имаме државјанство, како и илјадници други Македонци, патем речено, кои доаѓаат тука, како иселеници, како емигранти, порано, за време на војните во поранешна Југославија некои и како азиланти – да побараат прибежиште, нов живот и нов почеток. Само оваа година, на бреговите на Англија стигнаа или беа донесени откако беа спасени, 4.700 мигранти кои се обидоа со кајчиња да го поминат каналот. Најголемиот број од нив кога ќе пристигнат, се сместуваат во камп кај аеродромот Гетвик, каде што сега некои штрајкуваат со глад, зашто постапките за азил поради корона вирусот се речиси запрени.

Имиграција, иселеници, азиланти

Најголем број од оние кои доаѓаат тука се од Ирак и Пакистан, но во поново време ги има и од другите кризни жаришта, како Сирија, Јемен, Судан…секаде каде што животот станал неподнослив, каде што живеалиштата и надежта им ги уништиле војна или земјотрес, а борбата за преживување им станала доминантна. Луѓето поминуват со километри пеш и со разни транспортни средства, продавајќи сė што имаат и буквално предавајќи им се на криумчарите, често завршувајќи на асфалт во сообраќајка или на шини, во земји како Македонија или исфрлени на брегот на Франција, како 16-годишното момче од Судан кое тргна накај Довер со другар со чамец на надувување, ама стигна само до мртовечницата во Булоњ сур Мер. Вообичаено, агенциите за бегалци побараа оставка од британската министерка за внатрешни работи, Прити Пател, поради третманот на бегалците во земјата која, инаку е позната по гостопримството кон бегалците, ама во последно време некако затајува. И која, патем, го искористи прашањето на имиграцијата да го поттикне чувството на Британците за вештачката загрозеност на земјата од „нaвалицата новодојдени“, што придонесе во голема мера да победи брегзитот во 2016 година.

Сепак, тука немаше „спонтано“ собирање потписи против имигранти и азиланти, како на пример во некои други земји, еве, се сеќавам, видов со свои очи и ме изеде срамот во бисерот балкански Охрид, каде што потпишуваа некои за да не нė „поплавеле“… зашто најверојатно знаат дека голем број Британци се иселеници во многу земји низ светот, како  Шпанија, Франција, со кои, ете, ние патувавме на бродот… Тие да си ги посетат нивните живеалишта таму, откако останаа „заробени“ тука поради короната, а ние да си ја посетиме главната татковина, во тесниот „прозорец“ кога го дозволија патувањето без карантин, изолации и стресови од „вториот бран, ене го, кај и да е, само што не дошол“.

Нашите азиланти

Интересно колку е лесно да се заборави дека е човечки да се помага. И дека ако се прочепка малку, секој може да најде по некој од предците, но и од сегашните роднини и  пријатели кои отишле да живеат во други земји. Кој од мака, кој од авантура, кој од политички причини, кој од немајкаде, кој да види како е, кој да си ја истражи сексуалноста… Порано не потпишувале петиции, ама денес не му мислат многу и ставаат потписи и забораваат дека тие потписи остануваат како трага за нивната тесноградост и себичност додека во исто време во некоја друга земја други непознати луѓе им помагаат на нивните блиски, роднини, пријатели, сонародници. Денес градат огради и бодликави жици, некаде и со струја. Некогаш се организирале, се пречекувале и си помагале, денес се организираат и се пречекуваат да спречуваат и да протестираат за да одмагаат и да забрануваат и да протеруваат.

Кога маратонците го преплавуваат каналот, оние кои ги следат со бротчиња, не смеат да им помогнат. Ако ги допрат, судиите го поништуваат препливувањето, па макар и маратонецот бил на десеттина метри до целта. Мора сам/сама да излезе од водата. Имаше голема афера пред некоја недела кога новинари од една новинарска куќа со  брод ги следеа бегалците во бротчиња во Ла Манш. За да ја пренесат нивната мака, рекоа. Едните во цврсти бродови, другите во гумени. И во типичен маратонски стил, не ги допираа, само ги снимаа. Не им помагаа.  Не се знае колку исчезнати кријат водите на каналот…

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот