Преку дигитална апликација или во хартиена форма: Кина воведува ковид-пасош, СЗО не го препорачува

Ковид пасош
Ковид пасош / Фото: EPA-EFE/Ida Marie Odgaard DENMARK OUT

Кинеските власти завчера почнаа програма за објавување здравствени сертификати за патувања на домашни дестинации, што практично е првиот случај во светот на долгонајавуваните „ковид-пасоши“.

На дигиталниот сертификат, кој лицата може да го чуваат во своите смартфони, се запишани податоци за статусот на вакцинација за ковид-19, како и резултати од тестови за присуство на коронавирус во организмот. Апликацијата ја следи локацијата на корисникот и при проверка дава „зелен сигнал“ ако тој немал блиски контакти со заразено лице или ако не патувал на место каде што е проширен вирусот.

Апликацијата може да ја симнат корисниците на социјалната платформа „Вичет“, но сертификатот ќе биде достапен и во хартиена форма. Може да го добијат само кинески државјани и не е обврзувачки. Кина речиси цела година наназад строго го ограничува пристигнувањето на патници од странство, а оние на кои им е дозволен влез задолжително мора да поминат две недели во строга изолација.

– Сертификатот е достапен за да помогне аз промоција на светската економска обнова и да се овозможат патувања преку граници, објави Министерството за надворешни работи.

САД и Обединетото Кралство веќе ја разгледуваат можноста за воведување слични сертификати, а претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен најави дека на 17 март ќе ја претстави идејата за „зелена пропусница“, која на жителите на Европската Унија би им овозможила да патуваат преку границите на членките, но и надвор од Унијата.

Мајкл Рајан, шефот за вонредни операции при Светската здравствена организација, завчера повтори дека ковид-пасоши не треба да се користат за меѓународни патувања, поради големиот број проблеми.

– Вакцинацијата не е достапна ширум светот и не е на фер основа, предупреди Рајан, истакнувајќи дека „стратегијата може да биде неправедна кон луѓето кои поради разни причини не можат да се вакцинираат“.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот