Правни и политички проблеми со полициски амблеми

Левица најави дека ќе ја оспори на Уставен суд, а опозицијата ја дочека на нож владината уредба со која амблемите на полициските униформи во некои општини, освен на македонски и на англиски, ќе бидат и на албански јазик.

Левица ќе ја оспорува на Уставен суд, опозицијата ја дочека на нож, a лидерот на ДУИ ја пофали  владината уредба со која амблемите на полициските униформи во  некои општини, освен на македонски и на англиски, ќе бидат и на албански јазик.

Владата на завчерашната седница донесе Уредбата за униформата и ознаките на униформата на полицијата врз основа на Законот за употреба на јазиците.

„Според член 8 став 3, е утврдено дека униформите на полицијата во Скопје и во општините во кои најмалку 20 отсто од граѓаните зборуваат службен јазик различен од македонскиот јазик, се напишани на македонски јазик и неговото кирилско писмо, како и на јазикот што го зборуваат најмалку 20 отсто од граѓаните во Република Северна Македонија и неговото писмо“, соопшти Владата. Уредбата влегува во сила осмиот ден од денот на објавувањето во „Службен весник“, а ќе почне да се применува во текот на една година од денот на влегувањето во сила.

Премиерот Димитар Ковачевски на новинарско прашање зошто примената на уредбата ќе биде по една година, рече дека толкав период е потребен за да заврши процесот на тендерирање и реализација.

Реакциите поделени

Од Левица за „Слободен печат“ потврдија дека пред Уставниот суд ќе ја оспорат оваа владина уредба, но одлучувањето по нивната евентуална претставка ќе зависи од екипирањето на Уставниот суд, кој работи во преполовен состав. Според партијата, уредбата е спротивна на амандманот V од Уставот, според кој службен јазик на целата територија е македонскиот јазик и неговото писмо.

– Уредбата ја нарушува нормативната хиерархија и владеењето на правото како темелна вредност на уставниот поредок, што значи дека е спротивна на член 51 и член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот. Следствено, уредбата е спротивна и на Законот за полиција, според кој полицијата ја врши унифицирано својата работа на целата територија на државата. Веќе постои правилник со кој се уредуваат ознаките на униформата и според кои тие се идентични на целата територија на државата и не може да се разликуваат, во зависност од општините каде што се извршува работата – вели Јована Мојсоска, портпаролка на Левица.

Од партијата додаваат дека разгледуваат и други механизми што може да ги употребат во однос на неуставната владина уредба. Веднаш по донесувањето на уредбата, лидерот на Левица Димитар Апасиев бурно на Фејсбук му порача на СДСМ дека „ќе скапете по затвори кога ќе се смени власта, јавно ви ветуваме“.

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, пак, Христијан Мицкоски на ТВ Канал 5 рече дека не е изненаден од ваквата одлука.

– Ковачевски може дури и да направи тетоважа на челото на два јазика, три или четири, ова не ме чуди. Би бил изненаден ако донесат нови фабрики, отворат нови работни места, да имаат економски раст, да имаат повеќе пари – изјави лидерот на ВМРО-ДПМНЕ.

Наспроти опозицијата, лидерот на ДУИ Али Ахмети преку социјалните мрежи се пофали дека Владата ја формализирала употребата на албанскиот јазик и во полицијата.

– Уште една успешно реализирана задача во согласност со Уставот и Законот, која ги одразува спроведувањето на принципите на еднаквост како гаранција за напредокот на нашата држава – напиша Ахмети.

Законот го оценуваше и Венецијанската комисија

Законот за употреба на јазиците предизвика несогласувања меѓу тогашните лидери на владините партнери СДСМ и ДУИ – Зоран Заев и Али Ахмети. Првично во законот се предвидуваше воведување двојазичност и на амблемите на полицијата и на војската, како и на монетите. По реакциите во јавноста, Заев ретерираше и изјави дека според експертите што ги консултирале, воведување двојазичност на банкнотите и на униформите на полицијата и на армијата е противуставно. По ова, компромисот беше дека во законот ќе нема двојазични банкноти, амблеми на војската, ниту двојазичните хартии од вредност, но остана исклучокот дека во општините каде што Aлбанците се над 20 отсто, униформите на полицајците, на пожарникарите и на здравствените работници ќе бидат и на албански, а на банкнотите ќе стојат културни елементи на Албанците, но не текст на албански јазик.

Во изминатите четири години, до Уставниот суд се поднесени 13 иницијативи за негово оспорување – дека е донесен по скратена постапка, дека на указот за стапување на Законот во сила нема потпис од претседателот на државата (тогаш експретседателот Ѓорге Иванов одби да го потпише), дека е во спротивност со амандманот 5 од Уставот, дека излегува од рамките на Уставот, односно дека се воведува двојазичност на целата територија.

Законот доби забелешки и од Венецијанската комисија, која оцени дека тој оди премногу далеку, наметнувајќи нереални обврски на институциите, особено што се предвидува употребата на албанскиот јазик во судските постапки, кои се формулирани на толку широк начин што сигурно би барале повеќегодишна подготовка да биде целосно спроведена.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот