Пожар во непристапниот предел на село Пресница, липковско

Фото Миа

Надлежните институции сè уште се на терен и го гасат пожарот кој гори веќе една недела во високите планински делови на општина Липково кај селото Пресница, информираа денеска одговорните. Зафатена е ниско-стеблеста и деградирана шума, но и дрвја. Екипа од кумановската подружница на „Национални Шуми” и денеска е на терен.

– Сè уште чади и една екипа од седум вработени од утрово пак е на терен. Вчера беа триесетина лица кои се обидуваа да го ликвидираат пожарот, изјави раководителот на подружницата, Луан Бајрами.

Во еден дел, од северозападната страна пожарот е ликвидиран, но е активен во дел од кај селото Пресница.

Раководителот на РЦУК Куманово, Горан Стојановски, изјави дека пожарот се наоѓа на исклучително непристапен терен.

– Претходно свикавме координација и побарано е да ни бидат достапни сите расположливи материјално-технички средства и човечки ресурси, изјави Стојановски.

Командирот на територијалната противпожарна единица, Дејан Илиевски додаде дека нивни екипи постојано се на терен, меѓутоа противпожарните возилата поради стрмниот предел не можат да пристапат до местото на пожарот.

Изминативе денови пожарот го гасеше и хеликоптер на АРМ. Претходно и СВР Куманово информираше дека презема мерки за расчистување на пожарот во атарот на Пресница и апелираше граѓаните да бидат исклучително внимателни при палење огин на отворено.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот