Повратот на ДДВ е добра, но надуена работа

Фото: Слободен печат/Весна Дамчевска

Ако едно семејство месечно троши по 25.000 денари за работи за кои ќе добие фискална сметка, за една година ќе може да очекува 7.200 денари, или речиси како уште едно К-15. Сѐ што ќе се добие е добредојдено за да се потхрани скромната потрошувачка моќ на населението. Тоа потхранување не само што ќе заврши некоја работа за семејството, туку и ќе значи „бензин“ за економијата затоа што со тие пари нешто ќе се купи, а дел од нив пак ќе завршат како ДДВ, или како што рече премиерот Зоран Заев тоа е еден бескраен циклус.

Но, она што го надува со сите сили премиерот Заев, е колку реално ќе добие едно семејство. Тој не калкулираше со ваква пореална варијанта во нашава земја за месечна потрошувачка од 25.000 денари и за годишен поврат од 7.200 денари, туку цело време на јавноста ѝ ја продава приказната дека од поврат на ДДВ може да се заработи една просечна македонска плата. Да, може да се заработи ама ако семејството месечно троши по 100.000 денари и тоа за производи за кои ќе добие фискална сметка! За отплата на кредити не се добива фискална, за електронско плаќање на сметки, исто така, па и за плаќање на сметки во банка и во пошта, освен на шалтери на некои комунални претпријатија. Дефинитивно, ова не е фер презентација на приказната за повратот на ДДВ.

Затоа и оваа мерка, која дефинитивно е позитивна и добредојдена, пак стана мета на критики. Коментарите се дека е популистичка, лицемерна, затоа што место да се намали данокот се враќа негов дел, дека целиот процес на создавање услови за да се имплементира повратот на ДДВ е поскап од ефектот, дека за шницла се заклал вол, па сè до груба квалификација дека мерката е неуспешна, иако таа сè уште не е ни почната.

Аргументите зошто се враќа, а не се намалува данокот, се многу јасни и прифатливи. Оваа мерка не значи само поврат на пари кај граѓаните туку и борба против сивата економија, во која граѓаните треба да бидат партери, па и инспектори затоа што ќе им биде од интерес да добиваат фискални сметки за она што го купуваат.

Аргументот дека секој на крајот од годината ќе добие по нешто, исто така е непобитен. Но работите мора да се прикажуваат во вистинско светло. Мора да се каже дека најсиромашните за една година ќе добијат само по 738 денари. Толку пресмета Институтот за економски анализи „Фајненс тинк“, а веројатно така пресметала и Владата, но молчи. Мора да се каже дека најголем дел од семејствата може да се надеваат меѓу 7.200 денари и 10.000 денари годишен поврат на ДДВ. Сè друго е манипулација.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот