Повеќе Балкан во ЕУ

ивица челиковиќ
Ивица Челиковиќ. / Архива на Слободен печат

Со овој поим се изразува и состојба на расцепканост и заостреност на судирот на интереси во еден регион или држава, со слаби изгледи да дојде до спогодбено решение. Распадот на поранешна Југославија повторно го засили историскиот деструктивен процес на балканизација, чии реперкусии сè уште се расчистуваат.

Доколку можеби се наближува крајот на корона пандемијата, тогаш се очекува ЕУ во постпандемиското закрепнување посериозно да се соочи со низа тешки прашања, меѓу кои наредниот круг на проширување е секако едно од поважните.Словенечкото претседателство со ЕУ изразува надежи дека соседните земји од Западен Балкан ќе можат поблиску да се поврзат со Унијата. „Доколку ЕУ не експандира, други ќе го направат тоа во регионот“, смета премиерот Јанша. Но во колкав обем прашањето има и обратна насока. Повеќе ЕУ на Балканот е стратегиски одговор на предизвиците во регионот. Од друга страна, повеќе Балкан во ЕУ е перспектива во развојот што внесува недоумици поврзани со потребата Унијата да се справи со процесите на сопствената Балканизација.

Желби за автономија

Во меѓународните односи со поимот балканизација најчесто се означува поделба на нации во помали единици, во кои држави и нивните системи се често во неразрешливи конфликти. Со овој поим се изразува и состојба на расцепканост и заостреност на судирот на интереси во еден регион или држава, со слаби изгледи да дојде до спогодбено решение. Распадот на поранешна Југославија повторно го засили историскиот деструктивен процес на балканизација, чии реперкусии сè уште се расчистуваат.

Во меѓувреме, Шпанија, која не ја признава самостојноста на Косово, се соочи со референдумско прогласување на самостојноста на Каталонија, што беше спречена со брутална полициска интервенција. Барањето сопствен пат кон независност беше и е понатаму присутно меѓу Шкотланѓаните, а што во поширок контекст го актуелизра прашањето дали засилените федералистички тенденции можат да претставуваат решение за европскиот сепаратизам? Дали ЕУ, всушност, ризикува да се распадне, или пак обединувачките фактори придонесуваат кон натамошна изградба на европскиот мировен пројект врз постабилни основи.

Во последните години можеа да се слушнат предупредувања дека на ЕУ ѝ се заканува фрагментизација, па дури и балканизација по должината на економските и етничките линии на раздвојување. Поранешниот шведски премиер и министер за надворешни работи, Карл Билд, кој е добар познавач на состојбите на Балканот, предупреди дури и од можна „балканизација на Велика Британија“, доколку шкотскиот референдум завршеше со победа на приврзаниците на отцепувањето. Поради таквото мислење на Карл Билд му беа упатени остри критики дека претерува во своите оценки.

Евроинтеграцијата на државите што произлегоа од распаѓањето на југословенската федерација најчесто се смета за синоним со евентуалното членство во ЕУ. Во таа смисла, од страна САД и ЕУ кон крајот на 1990-тите години се тврдеше дека суштинското решение за проблемите на балканскиот регион, и за неговиот пат кон траен мир, треба да се врзе за идното членство во ЕУ на државите наследнички на распаднатата СФРЈ. Но, како би можело да се сфати таквото решение во време кога Унијата минува низ развој што многумина сè почесто го означуваат како балканизација на самата ЕУ.

Солидарноста помеѓу земјите членки доживеа сериозен тест во времето на корона, но и многу други спротивставени гледишта и ставови ги заострија внатрешните односи во Унијата, посебно на линија меѓу западните и источните членки. Но ЕУ има и поголем број други болни точки поврзани со сепаратистички тенденции што не се присутни само меѓу Каталонците и Шкотланѓаните. Пред сѐ во економски силните региони доаѓаат до израз тенденции за отцепување од земјата кон која припаѓаат, како на пример Јужен Тирол од Италија или Фландрија од Белгија. Честопати тие ги субвенционираат економски слабите делови на земјата. Со продлабочување на економската криза овој развој или желбата за автономија се зголемува.

Каталонија во случај на независност најверојатно би се наоѓала надвор од политичките граници на ЕУ. Катлонските лидери неодамна беа амнестирани, но прашање е во колкав обем стремежот кон самостојност и понатаму живее меѓу Каталонците?

Брисел често ги набљудува и реагира на таквите тенденции со политика на двојни аршини, а поради што се засилуваат и анти-европските трендови и евроскептичните позиции на разни места во Европа. Двојните стандарди на Брисел неретко придонесуваат за заострување на недоразбирањата и во непосредното соседство на ЕУ, на Балканот, како во случајот на наметнатиот спор со кој Бугарија, која токму во манир балканско поттикнување на конфликти, потиснувајќи ги свесно европските вредности на толеранција и дијалог, ги блокираше преговорите за членство на Македонија.

Мостот што треба да поврзува

Мошне долго време постоеше раширено сфаќање во Западна Европа дека Балканот баш не припаѓа на Европа. Во најдобар случај Балканот се опишувал како разграничување, или како фактички и симболичен мост меѓу Оксидентот и Ориентот. Но, во однос на пробивот на сепартистите се слушаат и мислења дека Унијата не треба упорно да се фокусира во преден план врз дезинтегрираните нации на Западот, туку да се заложи за проширување на границите кон Исток, кон Балканот, каде што моментно се манифестира и најголема посветеност на евроинтеграциите. Всушност, балканската посветеност на напорите за добивање членство во ЕУ го намалува нагласеното значење на етничкиот и религиозниот сепартизам. Нерешителноста на Брисел да ги поддржи и награди таквите напори само дополнително ги компликува историските ривалски односи во регионот.

Повеќе Балкан во ЕУ, или повеќе Европа на Балканот, е прашање за мостот што треба да профункционира со својата поврзувачка улога. Јанез Јанша, наспроти неколкуте нонпејпери што предлагаа промена на границите на регионот и решавање на отворените прашања, со кои беше доведен во врска и тој самиот, сега тврди дека натамошното ЕУ-проширување е одговор на многуте „предизвици со кои се соочувавме во изминатите години и децении“. Недефираниот простор, инаку, ќе го исполнат други алтернативи.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот