Потписите не можат да го поништат Законот за попис

Сагата околу пребројувањето на граѓаните на Македонија продолжува и по потпишувањето на Законот за попис на населението и домаќинствата од страна на шефот на државата, Стево Пендаровски. Од ВМРО-ДПМНЕ за „Слободен печат“ велат дека партијата ја почнала процедурата и дека деновиве ќе поднесе барање до Министерството за правда за собирање потписи за поништување на Законот за попис и носење нов во Собранието. Потписите ќе се собираат преку подрачните единици на министерството.  

– Иако иницијативата за законско решение, со која ќе се оспори Законот за попис, може да ја поднесе и само еден пратеник, ВМРО-ДПМНЕ се одлучи да собере 10.000 граѓански потписи, за да не може власта да го игнорира незадоволството, но и сомнежот дека резултатите од пописот се договорени. Владејачкото мнозинство нема да може да остане слепо или, пак, бланко да го одбие барањето на стотици илјади граѓани. Ваквото законско решение ја дозволува можноста за манипулација – вели портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Наум Стоиловски.

Од друга страна, потпретседателот на Собранието од редовите на НСДП, Горан Мисовски, за „Слободен печат“ вели дека според собранискиот Деловник, ВМРО-ДПМНЕ нема потреба да собира потписи бидејќи нивната пратеничка група може да поднесе предлог за какво било законско решение. 

– Обидот за собирање потписи е во функција на консолидација на ВМРО-ДПМНЕ. Целта на партискиот лидер Христијан Мицкоски е преку една ваква иницијатива да ја тестира партијата, односно да види колкава му е поддршката кај општинските комитети, бидејќи нема целосна доверба во нив. Иницијативата за „паѓање“ на Законот за попис е внатрепартиска пресметка, на сметка на статистичка операција од која зависи иднина на државата. Со пописот освен што ќе се преброиме, ќе се утврдат и параметрите – како понатаму ќе се креираат економските, образовните културните и здравствените политики – изјави Мисовски. 

Според член 132 од собранискиот Деловник, право да предлагаат донесување закон има секој пратеник во Собранието, Владата и најмалку 10.000 избирачи. Уставни експерти што ги консултираше „Слободен печат“ велат дека единствено Уставниот суд е надлежен да поништи веќе изгласан закон во Собранието и дека ВМРО-ДПМНЕ со 10.000 потписи не може да го „турне“ Законот за попис, туку треба да поднесе нов. Притоа никој нема да може да гарантира дека предлог-законот, кој ќе го поднесе опозицијата, ќе биде изгласан од мнозинството во Собранието.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот