Поради енергетската криза: Повеќе општини се откажаа од новогодишно китење

Новогодишното украсување во Скопје Нова година
Новогодишното украсување во Скопје / Фото: EPA-EFE/GEORGI LICOVSKI

Повеќе општини се откажаа од новогодишно китење поради енергетската криза, откако претходно градоначалничката на Скопје Данела Арсовска го раскина договорот со фирмата што требаше да го украси Скопје.

Град Скопје побара раскинување на договорот со Линк медија плус ДООЕЛ за новогодишно украсување на градот во вредност од 14.986.000 денари односно 243 илјади евра.

– Поради енергетската криза нема да има новогодишно китење, тие пари ќе бидат пренаменети во центарот за аутизам во Гостивар – изјави градоначалникот на Гостивар Арбен Таравари за „Слободен печат“.

И градоначалникот на Струга Рамиз Мерко ни потврди дека општината нема да одвои пари за новогодишно китење, а тие ќе бидат пренаменети и во Куманово.

– Ние немаме склучено договор за китење, на првата седница на советот ќе побарам средствата наменети за оваа работа да се пренаменат во инвестиција во енергетски ефикасен проект (фотоволтаици и изолација на фасада) на објект од јавна намена во интерес на енергетската криза – изјави градоначалникот на Куманово, Максим Димитриевски.

И во Кочани оваа година ќе се воздржат од украсувањето. Скромно китење без нови договори ни најавија и општините Битола, Струмица, Кавадарци, Штип и Крива Паланка.

– Во согласност со ситуацијата сигурно ќе одбележиме, но скромно и без бомбастични тендери  велат од кабинетот на градоначалникот на Битола, Тони Коњановски. Одлуката не однеле ни во Струмица, но размислуваат во слична насока. Се чека одлука и во Крива Паланка, која во моментов прави анализи.

– Лично мислам дека треба да има минимално китење со помош на локалната бизнис-заедница, бидејќи во целото сивило тоа ќе ги израдува дечињата – дециден е градоначалникот на Крива Паланка, Сашо Митовски.

Градоначалникот на Кавадарци Митко Јанчев, пак, е уверен дека штетата за менталното здравје на граѓаните ќе биде поголема од трошокот за електрична енергија ако оваа година нема украсување.

– Јас кога дојдов на оваа позиција пред четири години, сам ги купив новогодишните сијалички и секоја година украсуваме со нив. Ако некоја ЛЕД-диода се расипе, ја менуваме само таа. Слушам дека другите градоначалници се откажуваат од китењето со сијалички оваа година, но сметам дека цената на потрошената струја е мала за да се спречи депресијата што би владеела ако не го накитиме градот во новогодишните денови – вели Јанчев.

И Општина Штип нема да раскинува договор бидејќи, како што ни изјавија, не ни имале договор со агенција што би го украсувала градот.

– Новогодишното китење најчесто го прават јавните претпријатија со веќе постојни украси. Нема да има трошоци по основа на тоа, ќе има нешто најскромно – вели градоначалникот на Штип Иван Јорданов.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот