Данела Арсовска го раскина договорот со фирмата за новогодишно украсување на Скопје

Данела Арсовска
Данела Арсовска / Фото: Фејсбук, Данела Арсовска

Новата градоначалничка на Скопје, Данела Арсовска го раскина договорот за новогодишно украсување на Скопје а причината за тоа е енергетска криза и можните рестрикции во снабдувањето со електрична енергија.

-Соочени со енергетската криза која е во тек, а имајќи во предвид дека државата набавува електрична енергија со драстично повисока цена, како и во согласност со Владината одлука за прогласена кризна состојба во енергетскиот сектор, сакаме да ја информираме јавноста дека Град Скопје побара раскинување на договорот со Линк медиа плус дооел за новогодишно украсување на градот во вредност од 14.986.000,00 денари односно 243.000,00 евра – информираат од Град Скопје.

Оттаму најавуваат дека следната година, наместо досегашната практика на ненаменско трошење на парите на граѓаните и ангажирање на компанија за украсување, Град Скопје ќе набави украси кои ќе бидат сопственост на градот со што ќе се заштедат значителни средства од градскиот буџет кои досега секоја година се трошеле за еднократен годишен закуп на овие украси. 

-Ова е само прв пример за воспоставување на нова пракса на одговорно и транспарентно работење на Градот, со што ќе ставиме крај на неодговорното работење и трошење на градските буџетски средства – заклучуваат од Град Скопје.

Како што веќе објавивме, ексградоначалникот Петре Шилегов договорот за новогодишното украсување на градот го потпишал со фирмата „Линк медиа плус“. Оваа фирма била единствена која доставила понуда на јавниот повик, кој беше објавен во септември.

Градот Скопје годинава ќе биде украсен за 240.000 евра

За разлика од дочекот на ланската година кога тендери за украсување имале Градот Скопје и седум скопски општини, за дочекот на оваа година тендери имале Градот Скопје и уште три други скопски општини: Карпош, Гази Баба, Аеродром, но и Градскиот трговски центар.