Политичарите играат пинг-понг со предметот „Монструм“

Поминаа седум години и пет месеци од крвавиот Велигден, кога на 12 април 2012 година беше извршено петкратното убиство на Смилковско Езеро. Тогаш со повеќе видови на огнено оружје беа убиени четири момчиња на возраст од 18 до 21 година од населбата Радишани. Станува збор за Филип Славковски, Александар Наќевски, Цветанчо Ацковски и Кире Трпковски. Петтата жртва беше 45-годишниот рибар Борче Стевковски од скопското село Црешево.

Оттогаш, две влади предводени од ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ на семејствата на убиените, на граѓаните и на медиумите им ветуваа дека правдата за овој злостор ќе победи, дека процесот кој стана познат под кодното име „Монструм“ ќе има судска разрешница и дека виновниците ќе бидат осудени. СДСМ во март 2015 година обелодени дури дека во „бомбите“ има и снимки за „Монструм“, но сè додека постоеше СЈО, кое меѓудрогото ги доби и тие материјали, не објави никаква снимка за случајот.

Судскиот процес во кој обвинител беше обвинителката од Одделот за организиран криминал и корупција Гордана Гешковска, а се водеше во Основниот суд Скопје 1, на 30 јуни 2014, година ипол од стартот на судскиот процес, ги прогласи за виновни и ги осуди на доживотна казна затвор обвинетите Алил Демири, Африм Исмаиловиќ, Агим Исмаиловиќ, Фејзи Азири, Хаки Азири и Сами Љута. Единствено обвинетиот Сејди Рами доби ослободителна пресуда, бидејќи судот не пронашол цврсти докази што посочуваат на негова инволвираност во настанот.

– Се работи за настан од кој беше згрозена целата македонска јавност, настан во кој пет млади луѓе прерано го завршија својот живот, настан кој ќе остане врежан кај сите граѓани без оглед на нивната верска, етничка или било каква друга припадност. И покрај различната етничка припадност на жртвите и на обвинетите, оваа постапка не треба да ги доведе во прашање меѓучовечките односи и соживотот во Република Македонија, како што некој тоа сакаше да го прикаже во јавноста. Oвде, во оваа судница, се суди за сторени, конкретни кривични дела, за конкретно преземени дејствија и се суди врз основа на докази според кои се одредува вина. Не се водевме според емоциите што се искажуваа во судницата, туку се водевме едноставно по тоа што како суд сме должни да се водиме, а тоа е законот – истакна тогаш судијата Ивица Стефановски при објавата на пресудата.

Во декември 2015 година, Апелационот суд Скопје, одлучувајќи по жалбите на Јавниот обвинител во Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција Скопје и обвинетите, ја потврди пресудата на Основниот суд Скопје 1.

Но, Врховниот суд во декември 2017 година ги укина пресудите, ги ослободи од притвор осудените Агим Исмаиловиќ, Хаќи Азири, Сами Љута и Фејзи Азири, и им определи мерки на претпазливост.

По укинувањето на пресудите, Специјалното јавно обвинителство се прогласи за надлежно за случајот „Монструм“ и го презеде предметот од Основното јавно обвинителство. Родителите и најблиските на жртвите на почетокот имаа голема верба дека ќе се докаже правдата, но како одминуваа рочиштата на СЈО, така постепено нивната надеж згаснуваше.

Обемната папка за случајот „Монструм“ деновиве по трет пат се сели од едно во друго обвинителство. Папката од СЈО еден ден, засега неутврден, ќе отпатува повторно назад во ОЈО, од каде ќе биде утврдено кој обвинител ќе го продолжи овој предмет во судница. Во тековната судска постапка во процесот, на последните рочишта се сослушуваа сведоци. Со преземањето на процесот од страна на ОЈО тој продолжува од таму каде што го оставиле обвинителите од СЈО. Не постојат теоретски шанси овој процес да заврши во оваа тековна година и да има пресуда по истиот.

Фактите за случајот велат дека во петте жртви е пукано од три типа огнено оружје, зашто се најдени чаури од три различни типа муниција. Телата на момчињата беа најдени крај езерото. Малку подалеку од четирите тела, беше пронајдено телото и автомобилот на Борче Стефковски кој исто како и децата така и тој, дента ловел риба. За него се претпоставува дека бил убиен подоцна. Увидот на местото на настанот траел преку целата ноќ, сè до пладне на 13 април 2012 кога телата биле предадени на судските вештаци за обдукција. За најпроблематичниот доказ во постапката, автомобил „опел омега“ со темноцрвена кој беше најден на 10 километри од местото на убиствата, тогашниот полициски врв тврдеше дека возило било на самото место на убиството.

Петкратното убиство предизвика протести од страна на граѓани на населбата Радишани, од каде потекнуваа четирите убиени момчиња. За време на протестите граѓаните го блокираа пристапот до Радишани и Љуботенски Пат, а беа оштетени и пет возила, меѓу кои и еден автобус на скопскиот градски превоз.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот