По прекин од 8 месеци, почна да се полага испитот за меѓународен транспорт

камиони
Камиони/ Фото: МИА

Здружението на транспортери „Макам транс“ и Стопанската комора бараат од надлежните институции да најдат преодно решение до завршување на сите процедури за неопходниот сертификат, за кој возачите беа оневозможени да полагаат испит.

Професионалните возачи почнаа да го полагаат испитот за професионална компетентност, кој е неопходен за да добијат сертификат со кој може да вршат меѓународен превоз, но за да заврши целата процедура за возачите, потребни се уште еден до два месеца, велат од „Макам транс“ и алармираат дека може да настане застој во превозот на стоки. Затоа, оттаму барат Владата да донесе одлука за продолжување на нивните постојни сертификати.

Потребниот сертификат го немаат 1.500 од вкупно 18.000 возачи, колку што ги има во државата. Сертификатот се издава на 5 години, така што на дел од возачите им е истечен, а има и нови возачи што со ваков сертификат треба да се стекнат првпат.

– Ќе бидат потребни месец или два додека да завршат испитните процедури и сите возачи да се стекнат со потребните сертификати, што ќе предизвика застој во превозот на стока, но и проблеми со достава на основни производи за целокупното стопанство. Повторно побаравме од Владата да се донесе одлука за продолжување на важноста на сертификатите на возачите, барем за 2 месеца, а разговаравме и со Царинска управа и со Министерство за транспорт и врски за да го поддржат нашето барање и да не се дозволи застој во вршењето меѓународен превоз на стока – изјави за „Слободен печат“ Биљана Муратовска од Здружението „Макам транс“.

И од Стопанската комора на Северна Македонија (СКСМ) ни потврдија дека испратиле допис до Царинската управа и до Граничната полиција да се најде преодно решение за документацијата на професионалните возачи додека не завршат испитите.

– Јасно е дека законите мора да се почитуваат, но би требало да се најде преодно решение за да не дојде до застој во товарниот патен превоз. Возачите не се виновни, а документите им се потребни не само за дома, туку и надвор од државата – велат од СКСМ.

Испитите за професионална компетентност  ќе траат до крајот на декември, а се одржуваат во предавална на Европскиот универзитет во Скопје. Деновиве ќе се полага и за АДР-сертификат за превоз на опасни материи. Кандидатите треба да одговорат на 60 отсто од 45 поставени прашања за да положат.

– Повеќемесечниот проблем со сертификатите конечно почна да се движи во позитивен правец, иако се изгуби многу време. Законите мора да се почитуваат, а ние без наша вина бевме оставени без потребните документи, што се закани да го стопира целиот товарен превоз – велат од „Макам транс“.

Државниот центар за спроведување испити беше затворен од април, по избивањето на аферата со Рашковски.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот