Пентагон ги преброи кинеските атомски бомби: Нема да се 400 туку 1.000

Фото: EPA-EFE/ROMAN PILIPEY

Новата проценка е дека Кина ќе има 700 атомски бомби до 2027 година, а можно е да надмине 1.000 до 2030 година

Пентагон вчера значително ја зголеми својата проценка за бројот на нуклеарни бојни глави што може да ги поседува Кина и предупреди дека за десетина години оваа земја за речиси два и пол пати ќе го зголеми својот нуклеарен арсенал.

Досегашните проценки на Секретаријатот за одбрана беа дека до крајот на оваа деценија Кина би можела да има 400 нуклеарни бојни глави. Новата проценка е дека Кина ќе има 700 атомски бомби до 2027 година, а можно е да надмине 1.000 до 2030 година.

За споредба, Русија сега има повеќе од 6.000 парчиња атомска муниција, од кои 1.456 стратегиски нуклеарни бојни глави се спремни за употреба од силоси, бомбардери или подморници. САД имаат 3.750 стратегиски нуклеарни бојни глави, од кои 1.389 се на носачи од копно, воздух или море. За Кина се смета дека сега има 350 атомски бомби, Франција има 290, Обединетото Кралство има 225, Пакистан 165, Индија 156, Израел 90 и Северна Кореја 40.

Поради засиленото вооружување на Кина во изминатите неколку години, особено на нуклеарниот арсенал, Вашингтон повеќе пати го повика Пекинг да се приклучи на американско-руските пактови за контрола на вооружувањето.

Кина инсистира дека нејзиниот нуклеарен арсенал е далеку помал од оние на САД и на Русија, но одбива да преговара за ограничувања се додека другите големи сили не го намалат својот арсенал на приближно ниво.

Во новата пресметка за оружениот потенцијал на Пекинг, доставена до Конгресот на САД, Пентагон изразува загриженост дека вооружувањето на Кина го зголемува притисокот врз Тајван, како и поради напредувањето на кинеските за хемиски и биолошки воени програми. Но, особена загриженост се изразува поради неочекувано брзиот развој на нуклеарните капацитети.

– Во оваа деценија Народна Република Кина има цел да ги модернизира и да ги прошири капацитетите на своите нуклеарни сили – се наведува во извештајот. Притоа се предупредува и на технолошкиот развој на разни видови нуклеарни оружја за различни стратегиски и тактички цели. Се наведува и дека Кина гради најмалку три нови силоси за интерконтинентални балистички проектили.

Што се однесува до заканата за Тајван, Пентагон заклучува дека Кина има неколку опции за притисок – од целосна блокада, преку напади со проектили и кибернетска офанзива, па се до класичен воен десант, но ниту една од овие опции не е посочена како поверојатна од другите. Американскиот генерал Марк Мајли, во исто време, изјави за Ројтерс дека не верува дека Кина би го нападнала Тајван во скора иднина.

– Врз основа на мојата анализа за Кина, не верувам дека таа би спровела акција против Тајван во блиска иднина, која би ја дефинирале како шест, дванаесет, можеби 24 месеци – изјави генералот Мајли, шеф на Здружениот генералштаб на воените сили на САД.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот