Пендаровски: Потребна конструктивност во билатералните односи и решавање на отворените прашања со Бугарија

Стево Пендаровски/Фото: Слободен печат/ Слободан Ѓуриќ

Шефот на државата, Стево Пендаровски нагласува дека е потребна конструктивност во билатералните односи меѓу Македонија и Бугарија и во напорите за решавање на отворените прашања, а постоењето на македонското малцинство во соседната држава е факт, кој е потврден и од Стразбур.

На прашањето на Медиумската информативна агенција, да даде коментар на вчерашното соопштение на бугарското Министерство за надворешни работи, во кое меѓу другото има забелешка за „неодамнешните јавни коментари на политичари од соседната земја и лажните изјави од нивна страна за Република Бугарија“, од Кабинетот на Пендаровски велат дека ставот на претседателот и претходно и сега е дека е потребна конструктивност во билатералните односи и решавање на отворените прашања.

– Во врска со соопштението на Министерството за надворешни работи на Република Бугарија, ве информираме дека ставот на претседателот Пендаровски и во минатото и сега е дека е потребна конструктивност во билатералните односи и решавање на отворените прашања, со оглед на тоа дека и нашата држава претендира да биде дел од Европската Унија каде што заедно со соседна Бугарија ќе биде упатена на уште поголема соработка, велат од Кабинетот на претседателот.

Во врска со коментарите за македонското малцинство во Бугарија, од Кабинетот посочуваат дека тоа е факт, кој е признат и од Стразбур.

– Во однос на коментарите кои се однесуваат за постоење на македонско малцинство во Бугарија, се работи за факт кој е потврден и со одлуките на судот во Стразбур, се наведува во одговорот.

Бугарското МНР го повикало амбасадорот на Македонија во Софија поради обидите за инволвирање на билатералните односи во внатрешно политичките дебати во Македонија

Министерство за надворешни работи во Бугарија соопшти дека го повикало на состанок амбасадорот на Северна Македонија во Софија поради неодамнешните јавни коментари и невистинити тврдења во врска со Бугарија, дадени од политичари во Северна Македонија, пишува Бугарската новинска агенција BTA. 

Бугарското Министерството за надворешни работи се противи на обидот повторно да се вклучат Бугарија и билатералните врски во внатрешната политичка дебата во Македонија, вклучително и во контекст на актуелната изборна кампања.

 

Бугарија постојано одржува конструктивен дијалог и се воздржува од коментари за постојаните провокации во јавниот простор на Северна Македонија. Бугарија го прави ова со разбирање дека треба да се обезбеди конструктивна средина за нормално одвивање на изборниот процес, како и мирна јавна средина за потребните реформи да се спроведат, соопштија од Министерството.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот