Пендаровски контра Радев: Во целост го почитуваме Договорот со Бугарија!

Претседателот Стево Пендаровски споделува дијаметрално спротивно мислење од она на неговиот бугарски колега Румен Радев, како и бугарската министерка за надворешни работи Екатерина Захариева, според кои Македонија не го почитува доследно Договорот за добрососедство.

– Ставот на претседателот Пендаровски е дека Договорот за добрососедство и пријателство потпишан во август 2017 година помеѓу Северна Македонија и Бугарија е добра основа за зајакнување на соработката во многу области, како и за решавање на отворените прашања меѓу двете земји. Сметаме дека македонската страна го почитува во целост овој Договор, со оглед на посветеноста на решавање на сите предизвици и зајакнување на соработката со Бугарија во повеќе области кои ќе ја олеснат трговската размена, како и заеднички проекти во повеќе области од интерес на економиите и граѓаните од двете земји, информираат за Слободен печат од Кабинетот на претседателот.

Во текот на вчерашниот ден двајцата претседатели остварија телефонски разговор и, како што известија од Вила Водно, зборувале за позициите на двете држави во однос на условите за започнување преговори на Македонија за членство во Европската Унија, воедно и за можноста да се постигне одржливо решение за интеграцијата на земјава во ЕУ.

Од друга страна, бугарскиот претседател Румен Радев, по разговорот со германскиот претседател Франк Валтер Штајнмајер, истакна Бугарија е одговорен член на Европската унија и нема да дозволи нерешени билатерални прашања да го поткопаат единството на Унијата.

– Декларацијата, која едногласно беше усвоена во Собранието, треба да биде вградена во главата 35 од преговарачката рамка на Република Северна Македонија со јасно утврдени критериуми и временски рокови, кои треба да се контролирани за време на целиот преговарачки процес. Ако слично решение не е возможно, нашата држава ќе работи на двострано решение со Република Северна Македонија, во кое, со духот на добрососедството и пријателството, ќе бидат надминати сите билатерални прашања, предложил Радев.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот