Педијатар Слаѓана Ристовска: Препознајте го пеленскиот осип кај бебето и решете го на најбезболен начин!

Пеленски дерматитис претставува честа непријатна појава во детската возраст, а може да се појави уште во првите денови од раѓањето на детето. Се работи за воспаление на бебешката кожа во делот каде што се ставаат пелените, но тие не се директен причинител за појавата.

Детската кожа е многу нежна и чувствителна, таа е тенка, а нејзиниот заштитен слој е слабо развиен, така што изложувањето на дејството на штетните агенси што се наоѓаат во урината и изметот, особено при подолго стоење на пелените, доведува до појава на дерматитис, односно воспаление на кожата во овој предел. Секое следно уринирање или исфрлање на изметот доведува до влошување на состојбата и до уште поголемо иритирање на кожата.

Што е пеленски осип и како изгледа?
Промените на кожата се појавуваат во пределот каде што е ставена пелената, а другата кожа е без промени. Се појавува осип како црвенило, рамномерно распределено или со поинтензивни промени во дадениот дел.
На променетата кожа може да се појават ситни меурчиња, а може да дојде до лупење на кожата, што доведува до болна чувствителност, појава на чешање, што навистина е непријатно за малото дете, поради што тоа може да биде и вознемирено и плачливо.

Зошто се појавува пеленскиот дерматитис?
Доколку пелените стојат подолг период, односно не се менуваат, што најчесто се случува доколку детето спиело подолг период преку ноќта, доаѓа до ослободување на амонијак, кој претставува отпаден продукт на метаболизмот и доведува до надразнување на кожата.

Пелените за еднократна употреба ја впиваат урината, а кожичката на малото дете постојано е влажна и има постојано испарување на амонијак. Самиот измет (фекалните маси) содржат ензими што учествуваат во процесот на варењето на храната, кои исто така доведуваат до надразнување на кожата.

Со често менување на пелените со промивка по секоја дезинфекција, со користење на кремите што создаваат заштитен слој на кожата, ќе се ублажи дејството на штетните материи. Доколку се користат пелени за еднократна употреба, потребно е нивно редовно менување, бидејќи тие се практични, но го намалуваат влегувањето на воздух, со што се зголемува влагата на детската кожа. Доколку се користат платнени пелени, треба соодветно нивно користење со темелно перење, користење средства што не содржат големи количества хемикалии, кои сами од себе би можеле да дадат пеленски осип.

Што да се преземе кога ќе се јави пеленскиот осип?

Извесен период детето треба да се остави без да се користат пелени, за кожата да се суши, да се користат памучни пелени додека да се смири осипот, со нивно редовно менување.
Промивки по дезинфицирање со топла вода и сушење со суви памучни гази, користење физиолошки раствор при поголемо воспаление, користење заштитни креми за да се создаде заштитен слој на кожата и да се намали влажната средина. При поголеми воспаленија каде што сето ова применето не дејствува, треба да се консултира матичниот педијатар. Се забранува да се применуваат медицински креми (антибиотски и корти-препарати на своја рака). Понекогаш може да се работи за габични и за бактериски инфекции кои бараат медицинска консултација, лекување и соодветен третман.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот