Парафискалните давачки за малите фирми двојно поголеми од даноците

фото: Слободен печат/ Драган Митрески

Постојат повеќе од 100 различни давачки наменети за компаниите, покажува списокот што го утврди Министерството за економија. На списокот се различни давачки, во зависност од дејноста на фирмата – како, на пример, разни дозволи и одобренија за лекови, за впишување во трговски регистри, за индустриски дизајн…, потоа издавање лиценци за автошкола, за ноќен бар, за вршење сметководствени работи, разни сертификати… 

Секако, сите овие давачки не треба да бидат предмет на ревизија, но стопанствениците долго време реагираат на различни поединечни случаи, на бројот на давачките што им се наметнуваат, на цената на документите, како и на тоа дека за дел од давачките не е важно дали станува збор за голема или за мала фирма, односно тие се исти.

Од Министерството за економија се сложуваат дека има простор за разгледување.

– Европската делегација во Скопје е во постапка за одобрување проект за реализација, а во врска со парафискалните давачки, односно за намалувања и укинувања на дел од нив – велат од Министерството за економија.

Фирмите плаќаат систематски преглед, а тој следува со здравственото осигурување

Од Сојузот на стопанските комори, каде што членки се малите и средните фирми, кои се најмногу засегнати од овие давачки, алармираат дека за малите фирми нивниот износ е двојно поголеми од даноците.

– Парафискалните или скриените неданочни такси, давачки и надоместоци воведени од централната и од локалната власт, независните агенции и регулаторните тела во континуитет се зголемуваа и преставуваат сѐ поголем товар за деловните субјекти. Кога се во прашање малите и средни претпријатија, искуството покажува дека средствата што се ангажираат за овие трошоци се двојно поголеми од оние за плаќање даноците на годишно ниво. Парафискални такси не се само оние што директно ги наметнува државата, туку и оние за кои дава јавни овластувања за друг да ги прибира и од таа причина на пазарот постојат големи оптоварувања – велат од ССК.

Илустративно, оттаму посочија дел од давачките за кои веќе подолго време алармираат дека треба да се укинат или да се коригираат.

– На пример, потврдите за извршен периодичен здравствен преглед на вработените за што се плаќаат високи суми, иако како основни услуги, секој вработен може да ги добие од редовен преглед преку здравственото осигурување што го плаќа работодавачот. Уште еден пример е надоместокот за фискални каси, регулиран со Законот за регистрирање на готовинските плаќања, со кој, покрај фискалните апарати, од компаниите се наплаќаат милиони денари од фискален апарат за одржување, неоснована давачка што се наплаќа без разлика дали компанијата користи услуга на одржување или не. Како еден од приоритетите е промена на основата на која се пресметува фирмарината, бидејќи на начинот на кој сега се утврдува тој износ, и малите и големите претпријатија плаќаат ист износ, што за малите претпријатија претставува големо оптоварување и трошок – велат од ССК.

Оттаму потенцираат дека уште во 2019 година Сојузот на стопански комори има подготвено листа на парафискални давачки кои се најголемо оптоварување за правните субјекти и дека таа е доставена до Министерството за економија.

И големите фирми се жалат на давачките

И од Стопанската комора на Северна Македонија каде членуваат големите компании се жалат на парафискалните давачки. Оттаму велат дека 80 отсто од нивните членки очекуваат тие да се намалат, или делумно да се укинат.

– За бизнис-секторот мерката за ревидирање на парафискалните давачки има значење со оглед дека овие давачки се сериозен товар за компаниите во нивното секојдневно работење. Стопанската комора на Македонија изработи анализа за укинување или намалување на овие давачки и активно е вклучена во реализирање на оваа активност преку учество во Работната група во МИОА. Следува фаза во која покрај ревидирање на парафискалните давачки, ќе се отпочне со дигитализација на процесите, со што ќе се олеснат постапките за аплицирање и добивање на документи. Овој процес ќе отпочне со дигитализација на процесите во УЈП, министерствата за финансии, за економија, за транспорт и врски и за животна средина – рече в.д. извршната директорка на Стопанската комора, Билјана Пеева-Ѓуриќ.

Пеева-Ѓуриќ оваа изјава ја даде неодамна, токму на средбата со министерот за финансии Фатмир Бесими и со вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи, посочувајќи ги парафискалните давачки како едно од отворените прашања за понатамошен дијалог меѓу Владата и стопанствениците.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот