Овој Пиреј е за корнење!

Сашо Орданоски. / Фото: Слободен печат

„Oвој народ е пиреј, колку и да нè корнете, нема да нè исчистите, ќе останеме и ќе се бориме“, му порачал некни Мицкоски на Заев, непосредно вратен од Виена, на пропатување низ Будимпешта, гостувајќи на трибина на својата партија во Струмица. А пред тоа сличен абер пратил и од Валандово, од друга партиска трибина.

Кој зборува уште вака, во 2019 година?! Ѓомити професор на машински факултет?!

Во време на вештачка интелигенција, на алтернативни извори на енергија, на нано-технологии, на глобални комуникации, на виртуелни идентитети, на роботизирани индустриски производства, на софтвери за автоматизирани процеси, на беспилотни летала и возила со автономни управувачки системи, на бионички екстремитети и вештачки срца, на напреднати планови за туристички посети на Месечината, на видео игри во четири димензии и на џебни мобилни телефони со процесори посилни од оние на целата мисија на Аполо… Кој модерен политичар за својот народ уште ги употребува метафорите за таа троскотна трева што ја пасат магарињата и овците, кои функционираа во поезијата на Петре М. Андреевски пишувана пред педесет години, опишувајќи ги времињата пред стотина години, кои немаат никаква употребна вредност за некаква современа политичка платформа што треба да се натпреварува со предизвиците на модерниот свет?

Атанас Вангелов беше побрз од мене и пред викендов му одржа брилијантна лекција на Мицкоски за погрешното расфрлање со метафората за пирејот – „меч со две сечила“ – потсетувајќи го, меѓу другото, дека во модерната цивилизација тој не се корне со раце, туку се ништи со евтини хемикалии што се раствораат во вода. Пирејот и европските вредности – „тотален анахронизам“, што би рекол Вангелов.

Навистина, зошто нашите патетични, оперетски, здодевни националисти не сакаат својот народ да го видат барем како „англиска трева“, ако веќе не и како сплет од расцветани бугенвилии или бел јасмин со опојна миризба во рајска градина? Зошто секогаш народот го доживуваат само како бескорисен пиреј, вечно згазнат и залегнат на земја, по мешечки, без желба да се вивне угоре, глава да крене, да се расцвета, сонце да го огрее, ветре да го разлади?

Нивната интерпретација е дека пирејов од народ имал длабок, „библиски“ корен, па е трајно свртен надолу, вечно чепка во минатото, нема време и желба да се занимава со иднината, оти е постојано загрозен, сè некој баш него сака да го искорне, да го исчисти, но ние „ќе останеме и ќе се бориме“, што би рекол Мицкоски, за правото да ползиме по земја, ама со длабок корен!

Ех, кога ќе се сетам дека пред десетина години Груевски и Ставревски ветуваа Силиконска долина во Македонија, дека потрошија стотина милиони за „компјутер за секое дете“ и одеа по најзафрлените села, на врвови на планини, да отвораат интернет кафулиња… Ветуваа од електронска наплата на патарини, до чипирани здравствени легитимации… Пари не се штедеа ни за најсофистицирани системи за следење на комуникациите… Кои полетни, постмодерни, технократски времиња беа тоа!

Каков пиреј, будали!? На кој пиреј можеш да заработиш 15 отсто провизија? Ајде назад во Будимпешта, ама овој пат со запишување, не со памтење, за да не се тресат глупости по кампањава!

Извор: Цивил медиа

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот