“Отворен Балкан” за затворени умови

Отворен Балкан. / Фото: Слободен печат/Драган Митрески

Косово би требало да биде најмногу заинтересирано за оваа иницијатива бидејќи така на мала врата Приштина влегува во сојуз со Србија на рамноправна основа што значи едно признавање од Белград на мала врата.

Иницијативата “Мини Шенген” се ребрендира во “Отворен Балкан” и тоа е добро. Лидерите на Македонија, Албанија и Србија брзо разбраа дека нема ништо добро во “мини” понуда па решија да го сменат името и да ја засилат активноста на регионалното поврзување. За разлика од сите позитивни моменти кои ги произведува Отворениот Балкан моето внимание сега се сконцентрира на критиките на проектот.

Гледам дека многумина на социјалните мрежи пишуваат, зошто треба ваква иницијатива, овој договор е само во корист на Србија како економски најразвиена земја, не треба регионални поврзувања туку само одење кон Европската унија итн итн… Дали е добра иницијативата сепак е толку парадоксално прашање, што контрааргументите кои се нудат наликуваат на изнудени оправдувања за затскривање на други националистички мотиви.

Отворениот Балкан е добар бидејќи преставува интеграција а не дезинтеграција, тоа се отворени наместо затворени граници, тоа е слобода наместо ограничено движење, тоа е олеснување наместо отежнување на процедури, тоа е соработка наместо непријателство, тоа е прогресивност наместо назадување. Оваа низа може да продолжи во бескрај, бидејќи многу е тешко да се критикува нешто што самото по себе претставува изванредна и модерна иницијатива која патем е силно подржана од Европската унија и САД.

Зошто некој не би сакал камионите на границите да поминуваат без царински процедури, зошто некој не би сакал меѓу Србија, Македонија и Албанија да нема граници, па нели сите сакаат да влезат во ЕУ баш поради овие моменти, зошто да не почнеме од нас па така да се движиме кон ЕУ.

Обвинувањата дека се работи за создавање на некаква нова Југославија со Србија како доминатна земја се смешни, бидејќи оваа иницијатива не предвидува создавање на административна унија меѓу државите, ниту номинација на нов главен град, туку едноставно регионална соработка налик на Европската унија со целосно задржување на државните суверенитети.

Гледам многумина се плашат дека “силната Српска економија” ќе ги уништи економиите на Македонија и Албанија. Како е можно ова да биде аргумент против регионално поврзување па нели истите критичари сакаат да влезат како полноправни членки на ЕУ, и со што ќе се соочат таму, со економиите на Германија, Франција, Италија, и дали тоа значи дека Македонската, Албанската или Српската економија ќе бидат уништени со влегувањето во ЕУ? Се разбира дека не, сите тие економии и граѓани би просперирале од влегувањето во ЕУ, исто како што ќе имаат корист и од Отворениот Балкан.

Косово, Црна Гора и Босна и Херцеговина од друга страна имаат резерви за иницијативата, и слободно може да се каже дека нивниот главен мотив е улогата на Србија во целата приказна. Нивните стравови се легитимни но не верувам дека се оправдани. Уште повеќе, Косово би требало да биде најмногу заинтересирано за оваа иницијатива бидејќи така на мала врата Приштина влегува во сојуз со Србија на рамноправна основа што значи едно признавање од Белград на мала врата. Повиците на критичарите дека наместо Отворениот Балкан државите треба да се стремат кон ЕУ сега наликуваат на лебедова песна на државите отфрлени од Брисел.

На сите треба да им биде јасно дека Европската блокада за проширувањето кон Западниот Балкан не е воопшто случајна и нема изгледи дека наскоро ќе се тргне. Најочигледен е случајот со Северна Македонија која буквално е излажана од Брисел после Преспанскиот договор, и на сите треба да им биде јасно дека ЕУ нема да се проширува во следните десет години.

Тогаш што би требало да чекаат државите во регионот, некоја милостина, сожалување од Брисел или треба да го прават ова што го прават Заев, Рама и Вучиќ. Храбри, визионерски чекори, против сите предрасуди и историски непријателства, доколку иницијативата Отворен Балкан покаже добри резултати, тоа ќе биде најсилен адут на Србија, Македонија и Албанија дека се подготвени за Европската унија бидејќи покажале европски менталитет.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот