„Отворен Балкан” за поголема регионална соработка, а не како алтернатива за ЕУ

Отворен Балкан/Фото: Влада на РСМ

Лидерите на „Отворен Балкан” ја потврдија заложбата за отворени граници, слободен проток на стоки, капитал и работна сила, a соработката и меѓусебната поддршка, како што рекоа на Самитот во Охрид, веќе даваат резултати.

Иницијативата „Отворен Балкан” претставува стабилен и развиен регион кој во сите области го подобрува животот на граѓаните, формирана е за поголема регионална соработка и за економски развој на земјите-членки, но не е замена за Европската унија, беше пораката од дводневниот Самит на кој присуствуваа премиерите на Северна Македонија, Албанија и Црна Гора, Димитар Ковачевски, Еди Рама и Дритан Абазовиќ, претседателот на Србија Александар Вучиќ, претседавачот со Советот на министри на БиХ Зоран Тегелтија и еврокомесарот за проширување Оливер Вархеи.

Заеднички е ставот на лидерите, дека во интерес на сите граѓани од регионот е соработката за поголем економски развој и за остварување на европските интеграции.

Самитот, како што оцени премиерот Ковачевски заврши успешно и резултираше со потпишани договори, кои се со конкретни позитивни придобивки за граѓаните од регионот во сферата на туризмот, културата, во соработката на даночните администрации на земјите од иницијативата.

Премиерот Ковачевски забележа дека од исклучителна важност е, Европската унија и земјите членки максимално одговорно да прифатат дека проширувањето со земјите од Западен Балкан веќе е и стратешко и безбедносно прашање.

– Заложба на иницијативата е подобар животен стандард на граѓаните, односно обезбедување подобра инфраструктура, политички систем со сите свои атрибути, како што се владеењето на правото, борбата против корупцијата, ефикасноста на администрацијата и на сите институции, нагласи Ковачевски.

Тоа, посочи, е оригинална иницијатива на поранешниот премиер Зоран Заев, српскиот претседател Александар Вучиќ и премиерот на Албанија Еди Рама, базирана на европски вредности. Македонските, српските, албанските и црногорските граѓани, како и оние на Босна и Херцеговина и Косово, според него, имаат право да живеат врз основа на европски вредности и да соработуваат меѓу себе. Тој најави дека претпријатијата од Северна Македонија, Албанија и Србија кои управуваат со патарините работат на поврзување на системите за електронска, што ќе овозможи граѓанин од Србија со таг за електронска наплата со своето возило да може без застанување да помине и на македонска и на албанска патарина.

Иницијативата, подвлече, тежнее кон отворени граници и побрз проток на стоки и услуги. Во услови кога цела Европа се соочува со последици од воената, енергетската, економската и здравствената криза, според Ковачевски, земјите од регионот се природно поврзани една со друга и имаат заедничка цел – заедно да одат напред.

За српскот претседател Вучиќ најбитно е да се зајакне соработката и земјите од регионот да си помогнат во надминување на тешкотиите со залихите на храна и во областа на енергетиката

– Важно е на следниот состанок веднаш да се формираат работни групи, кои предлагам да бидат некаде во јужна Србија, пред големиот самит што го имаме и саемските настани на крајот на летото во Белград. Да се договориме да формираме работни групи кои ќе се грижат како да се надминат тешкотиите со залихите на храна и во областа на енергетиката, како да си помогнеме меѓусебно за да ја преживееме зимата, бидејќи мислам дека тоа е од најголем интерес за сите граѓани на нашите три земји и целиот регион. Во формирањето на тие работните групи и на тие договори доколку сакаат да учествуваат добредојдени се претставниците на Црна Гора, БиХ, Приштина, кој и да сака, рече Вучиќ.

Нерешените проблеми, според албанскиот премиер Рама, можат да се надминат само преку соработка и, како што рече на самиот, да сфатиме дека сме битни еден за друг.

– Силно верувам дека што повеќе ние се зближуваме еден со друг, толку повеќе шанси има да ги разрешиме и конфликтите, да се направи краен мир помеѓу Србија и Косово, една тема за која јас не се согласувам со претседателот Вучиќ, но овде решението е многу едноставно. Или ова несогласување да се претвори во постар конфликт со сите тие празнини кои потоа остануваат во нашата економија, во нашата безбедност или обратно од тоа треба да се направи, да се доближиме што е можно повеќе за да се разбереме помеѓу себе што повеќе и самите луѓе да бидат свесни дека иднината е многу поважна од минатото, рече Рама.

На состанокот во Охрид присуствуваше и црногорскиот премиер Дритан Абазовиќ, кој најави поддршка од неговата Влада за секоја иницијатива што води до напредок на Западен Балкан. Во однос на приклучувањето на земјата, која се уште не е формално членка на иницијативата „Отворен Балкан”, рече дека по враќањето во Црна Гора ќе разговара со ресорните министри за придобивките од иницијативата и ќе одлучат дали државата ќе се приклучи.

– Доколку некој мисли дека сам може да ги задоволи сите потреби во 21 век во 2022 нека му е со среќа, но таква политика е фатална, ако од друга страна во еден отворен разговор развиеме доверба, создадеме друштво кое може да создаде нова вредност, да даде шанса на некои нови политики иницирани со желба за поголем економски раст и мобилноста на нашите граѓани навистина мислам дека на тоа треба да дадеме шанса, рече Абазовиќ.

Претседавачот со Советот на министри на БиХ, Зоран Тегелтија вети дека ќе ја вложи целата своја енергија да ги убеди оние што се против иницијативата за официјално влегување на неговата земја во „Отворен Балкан”

-Бизнис заедницата на БиХ сега е целосно определена кон „Отворен Балкан”. Граѓаните се свесни што тој донесува. Ние треба да донесеме политичка одлука, а зашто таа не е донесена, се уште е тешко да се зборува. Се надевам дека тие што вршат јавен притисок ќе придонесат таа одлука да се донесе. Јас сите свои капацитети и енергија ќе ги насочам кон тоа да ги убедам оние кои се против оваа иницијатива за нејзината исправност, рече Тегелтија.

За еврокомесарот за проширување и соседска политика Оливер Вархеи иницијативата е можност за регионот да ја смени реалноста и да ги надмине предизвиците со коишто се соочува веќе многу години, а може да помогне и за забрзување на патот кон ЕУ. За луѓето, забележа тој, главно прашање е кога ќе живеат, како оние во Европа со економски можности и исто општество. Оцени дека без регионална соработка, економскиот инвестициски план на ЕУ нема да постигне многу затоа што нема поента да се поврзува капиталот на Западен Балкан со патишта и со железници ако камионите треба да сопираат на секоја граница и речиси секој доаѓа на половина час.

– Нема поента да зборуваме за пристапување кон ЕУ и за евроинтеграција на регионот доколку во самиот регион се уште треба да ви ја нострифицираат дипломата доколку сакате да работите во друга држава, а тоа би значело дека би требало да работите на еден час од местото на живеење. Не вреди ништо ако вашиот бизнис не може да тргува соодветно или ако не може да ги продава своите услуги во регионот затоа што според нашите проценки регионот може да создава една третина од својот БДП само преку економска интеграција. Регионот го има овој потенцијал и само регионот може да си ја испорача. „Отворен Балкан” треба да продолжи понатаму со потпишување договори што ги олеснуваат животите на луѓето, истакна Вархеи.

Преку видео обраќање на Самитот се обрати и Габриел Ескобар, заменик-помошникот државен секретар за европски и евроазиски прашања и специјален претставник за Западен Балкан. Тој им посочи на лидерите оваа инцијатива да остане економска, оти како што вели не е политичка, и ако остане економска ќе има поширока поддршка.

– Ова не е политички проект, туку е важен економски проект и битно е да остане таков и да се фокусира на создавањето можности за луѓето од регионот и на тој начин ќе имате поддршка, им порача Ескобар на учесниците на Самитот.

Лидерите на земјите од „Отворен Балкан”, Ковачевски, Вучиќ и Рама потпишаа документите за соработка во областа на образованието, културата, туризмот и од областа на даночната политика. Трите држави го потпишаа Договорот за соработка на Западен Балкан во полето на взаемно признавање на дипломи и научни титули издадени во високообразовните институции и други овластени институции. Со одредбите се забрзува постапката за прифаќање на дипломите и професионалните звања, со што се поедноставува и олеснува процедурата, како исклучителна придобивка за граѓаните од регионот со позитивни импликации за заедничкиот пазар на трудот. Со Меморандумот од областа на туризмот се предвидуваат активности за заедничка промоција на регионот како атрактивна туристичка дестинација. Додека Меморандумот во културата предвидува креирање на заеднички календар на културни настани што ќе донесе поголема мобилност на публиката и ќе го поттикне културниот туризам. Меморандумот за разбирање за соработка на даночните администрации меѓу земјите од регионот ќе создаде нови можност за полесно прекугранично движење на луѓето, стоките или услугите.

На Самитот на иницијативата „Отворен Балкан” во Охрид беше договорена брза реализација на договореното и развивање нови проекти за олеснување на животот на народите од регионот, кои ќе бидат утврдени на идните работни средби во Белград и Тирана. 

Извор: МИА

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот